недела, ноември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Штип на чекор до отворање собирен центар

Штип на чекор до отворање собирен центар

1

Во Штип се реализираше првата акција за собирање текстилен отпад од домаќинствата, што е и прв чекор кон отворањето собирен центар во Општината.

Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, која е носител на проектот, вели дека нивниот проект е финансиран од Европската климатска иницијатива, преку Владата на Германија и преку ГТЗ.

Текстилниот отпад од собирниот центар ќе се употребува за перници за седење на миленичиња, украсни перничиња, различни видови производи што се полнат со обработениот текстилен отпад.

– Ова е прва поголема организирана акција каде што може граѓаните да донесат гардероба, текстилен отпад што им се наоѓа дома, без разлика дали може да се носи тоа или не, тоа е неупотребливо. Значи, ние прибираме секаков вид текстилен отпад од домаќинствата, не од индустријата, туку само од домаќинствата. Со ова, реков, почнува отворањето, почетокот на собирен центар за текстилен отпад, кој мора да го има секоја општина што има над 30.000 жители. Општина Штип, заедно со Фондацијата, ќе го раководи овој центар за управување со текстилен отпад. Нашата идеја, за разлика од другите вакви акции, кои, исто така, се добри, е да не се фрла овој отпад на депонија – изјави Шарковски.  

​Тој посочи дека нивните истражувања покажуваат оти ​Македонија произведува големи количини текстилен отпад. Но, како што вели, граѓаните на Општина Штип произведуваат петпати повеќе отколку цела Македонија.

– На ниво на држава, вкупното количество текстилен отпад е некаде околу 5 %, во Штип тој процент е многу, многу поголем, 35-40 %, зависно од годината, затоа што Штип е текстилен град и нормално е тоа да биде така. Штетата што ја прави текстилниот отпад е поради тоа што најголем дел од ова што го носиме е синтетика. Синтетиката, ако ја разложувате, е пластика, а пластиката се прави од нафта, значи многу лесно се пали – вели Шарковски.

Текстилниот отпад ѝ прави и голема штета на животната средина, а отпадот што се собира денеска е само од домаќинствата.

– Но, интересно е што, според нашите истражувања, отпадот од индустријата е помал од купувањето од домаќинствата, некаде 57 % доаѓа од домаќинствата. Сите ние знаеме колку стара облека имаме дома, во нашите плакари. Ова е еден од начините да си ги исчистиме плакарите, но и да направиме нешто добро за локалната заедница и воопшто за животната средина – истакна Шарковски.

​Прашан дали македонските текстилни компании, конкретно текстилните конфекции во Штип, го почитуваат Законот за депонирање текстилен отпад, кој останува по производството на облека, тој вели дека најголем дел од нив веќе имаат потпишано договори со колективни постапувачи, бидејќи текстилните компании мораат да имаат договор со колективен постапувач што го зема отпадот, го мери и потоа понатаму го рециклира или го извезува за рециклирање.

​Тој додаде дека согласно со Законот за управување со дополнителни текови на отпад, секоја општина над 30.000 жители мора да има собирен центар, а помалите општини треба да се здружат до 30.000 жители и да направат собирен центар.

– Во Македонија, од донесувањето на законот во 2023 година, само во најава има два собирни центри – Гази Баба и Охрид, но само во најава. Прв што ќе биде отворен, што денеска да кажеме се отвора, ќе биде во Штип и Општина Штип ќе биде првата што има ваков собирен центар, и тоа не само во Македонија туку и малку пошироко – на Балканот, особено на Западен Балкан. Ретки се општините како Општина Штип што решиле да го прават ова. Во нивниот случај е со поддршка на Фондацијата, но за граѓаните е важно да има собирен центар, а кој го плаќа и кој го оперира не е толку важно – рече Шарковски. 

Акцијата за собирање текстилен отпад се реализираше во централното градско подрачје во Штип, кај стоковната куќа „Нама“.

 

ИЗДВОЕНИ