Предвремените парламентарни избори ќе се случат набрзо. Ова е најнова, но и најдиректна најава на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека, најверојатно, на пролет следната година, ќе има ново изјаснување на граѓаните. По неколкуте изјави дека ќе има гласање пред истекот на мандатот на актуелната Влада, тој денеска, за време на престојот во скопската општина Кисела Вода, беше речиси недвосмислен во ставот дека избори ќе има пред истекот на четиригодишниот мандат во 2028 година.
– За брзо време, веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, кои нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси. Тоа е она што ќе го добиете од оваа опција. Од другата опција ќе добиете „свиткана кичма“, меко ткиво, криминал, корупција, грабеж, понижување. Тоа е изборот на следните парламентарни избори и граѓаните ќе треба да одлучат – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој пред еден месец, исто така, најави дека „набрзо ќе има избори“. Неделава, пак, на неодамнешниот брифинг одново ја заживеа идејата за можно гласање в година, со изјавата дека „не ја исклучува можноста за предвремени избори да се случат 2027 година“. Сега, одново се дава најавата надополнета со ставот дека Владата преферира редовни избори во 2028 година.
– Подготвени сме секогаш доколку опозицијата бара да излеземе на терен и повторно да победиме – рече Мицкоски.
Порака преку бројот на реконструираните министри
Наредниот период, извесно, ќе покаже дали најновата, трета по ред, најава за предвремени избори ќе стане и вистина. Најголемата опозициска партија СДСМ, вчера, реагираше укажувајќи дека премиерот Мицкоски одново ја менува приказната за предвремените избори.
– Мицковски изјави дека парламентарни избори ќе има многу скоро. Ова доаѓа откако со месеци тврдеше дека нема да има предвремени избори и дека мигрантите, односно економските работници нема да доаѓаат оваа година. Сега, одеднаш, изборите се „многу скоро“. Ова не е прв пат Мицковски да ја менува приказната според моменталната потреба. Има двајца Христијан Мицкоски. Едниот ќе го враќаше името, најавуваше поништување на Преспанскиот договор а другиот го прогласи за ремек-дело на дипломатијата. Едниот беше против НАТО, другиот сега го фали со членството. Исто е и со изборите – се потенцира во партиското соопштение.
Се додава дека „додека имаше пари и можност да се задолжува, Мицкоски тврдеше дека избори нема да има“.
– Сега, им снемува пари, не може да ја задолжува државата и граѓаните колку што сака, одеднаш изборите вели дека се „многу скоро“. Затоа, штом ќе им снема пари за задолжување, ќе побрзаат кон избори. На сите сега им е јасно. Веќе нема граѓанин во Македонија што не знае дека Мицкоски дојде на власт со лаги и дека денес владее со лаги – нагласија од СДСМ.
Во јавноста, пак, сè повеќе созрева уверувањето дека во овој период интензивно се подготвува терен за граѓаните во скоро да време излезат на гласачките места. Премиерот денеска најави дека од следната недела ги почнува разговорите со коалициските партнери „Вреди“ и Движењето ЗНАМ за реконструкцијата на Владата.
– Најпрвин сакам да ја слушнеме визијата, да видиме дали таа визија се поклопува, па дури потоа можеме да зборуваме за кадровски структури – изјави Мицкоски.
Врзано со реконструкцијата, политичките аналитичари во овој период укажуваат дека обемот и бројот на министрите кои ќе бидат сменети ќе ги открие плановите на премиерот. Односно, доколку реконструкцијата опфати помал број на членови на неговиот кабинет тогаш во игра е подготвувањето на теренот за ново гласање. И обратно, доколку реконструкцијата е поголема, шансите за предвремени избори се помали.
Почетокот на меѓукоалициските разговори доаѓа набрзо откако владејачката партија на прексиноќешната седница на Извршниот и на Централниот комитет изврши ново освежување на своите редови. Вкупно 30 општински партиски комитети добија претседател, со што се комплетира процесот на изборот, нови тројца луѓе има во ИК.
На синоќешните седници на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ беа донесени одлуки за тројца нови членови на ИК и претседатели на над 30 општински комитети. Во најголем дел се работи за веќе проверени и искусни партиски кадри.
– Реструктуирањето на ниво на општински комитети и структура во партијата е завршено. Станува збор за триесетина проценти нови луѓе кои сега добиваат можност да покажат, да работат, не само за партијата, најважно е да работат за државата – посочи премиерот.
Што со Изборниот законик?
Тезата дека за десетина месеци би можеле да се случат нови избори, доби најголем стимул со она што се случува околу носењето на промените во Изборниот законик чие финиширање е најавено за денеска, и покрај несогласување на дел од претставниците, кои се незадоволни бидејќи не се расправало за воведувањето на една изборна единица. Меѓупартиската работа група која се собира во Министерството за правда, денеска, со средбата со претставници на ДИК, АВМУ и ДКСК, треба да ги заокружи предлозите за промени во Изборниот законик. Досега, без учеството на опозициската СДСМ биле усогласени 25-26 членови на Законикот врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Но, утре може да се очекува напуштањето на работната група и од страна на претставниците на опозициската ЛДП поради незадоволството од тоа што групата не направила сериозен обид да договори воведување на една изборна единица и отворени изборни листи.
– Ние немаме намера да бидеме декор на масата. Ако в петок, на седницата не се отвори расправа и не се постигне договор за една изборна единица и за отворени листи, ние ќе ја напуштиме работата. Не прифаќаме никакво одложување за некаков следен период – изјави лидерката Моника Зајкова за весникот ВЕЧЕР.
По ова, останува прашањето на кој начин ќе се турка носењето на промените во Изборниот законик во Собранието. Од партиските ставови произлегува дека консензусот, кој претходно беше договорен, нема да може да биде постигнат. Но, доколку владиното мнозинство се реши Законикот да биде донесен, со оглед на обврските тој да се донесе во јуни, тогаш ќе стане јасно дека ќе биде ставено уште едно камче во мозаикот за проектот за предвремените избори в година. Во прилог на тоа оди и рејтингот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ кај граѓаните кој, како што беше кажано на неодамнешниот брифинг, изнесува 25,5 проценти наспроти 8,6 отсто на опозициската СДСМ. (Б. Ѓ.)












