Во Културно-информативниот центар – Скопје, денеска, на 11 јуни, во 20 часот, ќе се отвори самостојната изложба на Ненад Тонкин „Простор – тишина“.
Изложбата со наслов „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин се состои од ахроматски колажни релјефи изработени од архивска fine art хартија од брендот Hahnemühle. Со користење на едноставни геометриски парчиња Тонкин создава комплексни структури и композиции кои дискретно, поради дебелината и нивната поставеност на површината, растат во длабочина. Сенката која ја фрла хартијата станува рамноправен чинител во доживувањето на овие дела, и токму тоа ја прави динамиката во отсуство на боја. На тој начин апстрактната геометрија која се создава преку овие формации добива димензија на простор, што наведува создавање и на асоцијативни композиции кои реферираат на ентериери но и на пејзажни сцени. Ако релјефот е асоцијација за простор, тогаш белината и отсуството на боја е асоцијација за отсуство на звук, односно на тишина. Оттаму, изложбата „Простор – тишина“ има за цел да го води гледачот во имагинарни простори, каде низ тишината треба да прозвучи неговата лична интерпретација на делата.
Ненад Тонкин (1978, Скопје) е магистер по ликовни уметности, област скулптура. Има завршено додипломски студии на Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со подгрупа сценографија. Има завршено и додипломски студии на Педагошки факултет во Скопје, отсек предучилишно воспитание. Реализирал девет самостојни и повеќе групни изложби во земјата и во странство. Освен скулптури, работи и дизајн и изработка на театарска сценографија, цртежи, инсталации и мурално сликарство. Работел како воспитувач во градинка и како предметен наставник по ликовно образование во основно училиште. Основач е и бил член на музичката група Bei The Fish. Има компонирано музика за десетина театарски претстави, а издава и своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem.
Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.












