„Западен експрес“ e претставата која по текст на реномираниот романски автор Матеј Вишњек и во режија на Јари Јутинен премиерно ќе биде изведена на 30 април, во 20 часот, на Малата сцена во Македонскиот народен театар.

Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот, кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина, за на крајот, да сфатат дека возот „Западен експрес“ води кон илузија.

– Авторот Матеј Вишњек создава живописна сценска фреска исполнета со различни ликови – од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Вишњек го набљудува Западот низ перспектива на Истокот, прикажувајќи го стремежот кон западниот мираж и последиците од губењето на културниот и јазичниот идентитет. Иако се отвораат тешки и актуелни прашања, авторот со леснотија и гротеска создава сценски свет во кој човештвото останува во центарот, а визионерската мисла овозможува разбирање на реалноста во која живееме, посочуваат од МНТ.

„Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз, симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес — движење на миграциски тела и умови кон најблиските епицентри на „американскиот модел“ и земјите на Европската заедница.

Претставата е структурирана во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на стар слеп човек кој ја носи сенката на Едип и неговата трагична мудрост, поставена врз современите општествени настани.

Во претставата играат: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а музиката ја потпишува Јане Трајковски.

Претставата е копродукциски проект помеѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и Македонскиот народен театар.

– Оваа претстава е резултат на копродукција што за нас претставува уште еден важен пример на регионална и европска соработка во областа на современиот театар. Овој тип партнерства не само што ја зајакнуваат размената на уметнички искуства туку и отвораат простор за нови сценски јазици и перспективи, вели директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Според него, за МНТ, ваквите проекти се есенцијални затоа што го позиционираат театарот како активен учесник во современите европски културни текови.

– Особено ми е драго што на сцената на МНТ се обединуваат уметници од различни средини, носејќи различен театарски светоглед и создавајќи дело кое зборува јасно, суштински, директно и храбро за светот во кој живееме, додава Кимовски.

Првата реприза на претставата е закажана за 4 мај.

ИЗДВОЕНИ