Во рамките на годинашниот откуп, поддржани се 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупна вредност од околу 7 милиони денари. Според министерот за култура, Зоран Љутков, ова е мерка со која не само што се поддржуваат уметниците туку и се збогатува фондот на уметничките збирки. – Во време кога глобалните кризи силно се одразуваат врз културните сфери, ова претставува јасен исчекор, не само во поддршката на уметничкото творештво туку и начин да се збогати фондот на уметничките збирки, со што се создава културна вредност што останува трајно, како дел од заедничката меморија и сведоштво за времето во кое живееме, рече Љутков на отворањето на изложбата на откупени ликовни дела на Конкурсот на Министерството за култура и туризам за 2026 година

„По речиси една деценија, вечерва, од овој простор исполнет со креативна енергија, испраќаме силна порака, порака за поддршка, континуитет и јасна определба дека уметноста мора и треба да има свое заслужено место во нашето општество. Со вечерашнава изложба се обновува значајната мерка за откуп на ликовни дела, предвидена во Програмата на Владата, која последен пат беше реализирана во 2016 година“, рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на отворањето на изложбата на откупени ликовни дела на Конкурсот на Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Тој додаде дека со оваа значајна стимулативна мерка, која е вклучена и во новата стратегија на Министерството за култура и туризам (2026 – 2030) што е во фаза на донесување, дополнително се потврдува заложбата за долгорочна и одржлива културна политика.

Изложбата беше отворена вчеравечер, во Музејот на современа уметност во Скопје, во присуство на бројни уметници, како и гости од културната јавност на нашата земја.

Во рамките на годинашниот откуп, поддржани се 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупна вредност од околу 7 милиони денари. Според министерот, ова е мерка со која не само што се поддржуваат уметниците туку и се збогатува фондот на уметничките збирки.

– Во време кога глобалните кризи силно се одразуваат врз културните сфери, ова претставува јасен исчекор, не само во поддршката на уметничкото творештво туку и начин да се збогати фондот на уметничките збирки, со што се создава културна вредност што останува трајно, како дел од заедничката меморија и сведоштво за времето во кое живееме. Затоа оваа изложба не ја гледам само како резултат на конкурс туку како дел од поширока заложба за континуирана и системска поддршка на уметноста. Откупот на ликовни дела го гледам како силна врска меѓу уметниците, институциите и јавноста. Во таа смисла, особено ја ценам улогата на институциите како Музејот на современата уметност и Националната галерија, кои не само што ја чуваат уметноста туку и активно ја развиваат и ја доближуваат до јавноста, посочи министерот.

Нашата цел, како што нагласи тој, е јасна – да изградиме одржлив и динамичен културен систем, во кој уметниците имаат простор да создаваат, институциите да се развиваат, а публиката да има пристап до квалитетна култура.

„Им честитам на избраните автори и изразувам благодарност до членовите на Комисијата за нивната стручна и посветена работа, како и до сите уметници кои со своето творештво ја збогатуваат македонската култура. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста не само што го отсликува времето во кое живееме туку и активно го обликува“, додаде Љутков.

Тој упати и искрена и голема благодарност до уметницата Жанета Вангели, која донираше две дела на Музејот на современа уметност – гест што говори за однос, солидарност и длабока посветеност кон заедницата.

– Нека ваквите примери бидат потсетник дека уметниците не само што создаваат туку и возвраќаат, градејќи културен простор што нè надминува сите нас, додаде тој.

Инаку, конкурсот беше отворен на почетокот на јануари со единствена цел – да се поттикне современото ликовно творештво, за развој на ликовната култура, обезбедување континуитет во развојот на македонската ликовна сцена и збогатување на збирките во националните установи од областа на културата. Според пропозициите на конкурсот, откупените дела ќе се распределат во националните установи од областа на музејско-галериската дејност. Приоритет при откупот имаа ликовни дела од автори кои дале значаен и континуиран придонес во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност, ликовни дела со изразена уметничка, културна или историска вредност за националната и/или меѓународната ликовна сцена и ликовни дела што репрезентативно ги одразуваат современите уметнички практики и текови. Делата ги оценуваше стручна комисија врз основа на нивната уметничка вредност, релевантност за националните збирки и усогласеност со целите на Конкурсот.

ИЗДВОЕНИ