Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, ја доведува во прашање точноста на информациите што ги дава Пентагон за војната во Иран, тврдат двајца високи претставници на американската администрација за „Атлантик“. Во разговорите со претседателот Трамп, тој наводно изразил загриженост за резервите на одредени ракетни системи.
Министерот за одбрана, Пит Хегсет, и генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на американските вооружени сили, јавно изјавија дека се големи американските резерви на оружје, забележувајќи дека му е нанесена значителна штета на Иран. Советниците на Венс, кои разговарале со „Атлантик“ под услов за анонимност, рекле дека потпретседателот бил загрижен за ова, но не ги обвинил Хегсет и Кејн дека го мамат претседателот.
Охрабрувачките информации за развојот на војната во Иран што ги добил од Хегсет и од Кејн, Трамп веќе ѝ ги пренесе на јавноста неколкупати. Пред неколку недели, тој изјави дека штетата предизвикана од американските сили претставува победа и дека резервите од клучното оружје се „речиси неограничени“. Некои советници велат дека се чини дека е наменето оптимистичкото прикажување на ситуацијата од страна на Хегсет за да го натера претседателот да слушне што сака.
Според внатрешни процени, според изворите на „Атлантик“, Иран сè уште поседува две третини од своите воздухопловни сили, поголем дел од своите ракетни капацитети и мали, брзи бродови што може да го нарушат сообраќајот во Хормускиот Проток. Техеран, исто така, реактивира повеќе ракетни лансери секој ден, а околу половина од нив му се повторно достапни.
Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон објави оваа недела дека САД, можеби, веќе потрошиле повеќе од половина од своите предвоени резерви од четирите типа клучна муниција. Дури и пред војната со Иран беа исцрпени резервите поради летаргичното производство и донациите за Украина и за Израел.
Неколку луѓе блиски до Трамп веруваат дека Венс сега ја гледа својата политичка иднина како поврзана со она што се случува во Иран. Други функционери и лица запознаени со ситуацијата рекоа дека Хегсет има свои амбиции, можеби, дури и за претседателската функција, а висок функционер на администрацијата тврди дека е задоволен претседателот од информациите што ги добива од Пентагон.












