– Прекумерното користење на социјалните медиуми (повеќе од 3 часа на ден) е силно поврзано со лошото ментално здравје, при што 64,3 % од тешките корисници пријавуваат депресија, а 74 % пријавуваат социјална изолација. Тинејџерите кои поминуваат повеќе од 3 часа дневно, се соочуваат со двојно поголем ризик од лошо ментално здравје, вклучувајќи депресија и анксиозност – вели м-р Розита Андонова, психолог, психотерапевт.
Таа вели дека само преку координиран и сеопфатен пристап можеме да се осигуриме дека социјалните мрежи се алатка за позитивна социјализација и развој, а не извор на стрес и ментални проблеми. Смета дека наместо да ги демонизираме социјалните медиуми, поважно е да научиме како да ги користиме свесно, така што тие ќе ни служат нам и ние ќе управуваме со нив
За многумина од младите, проверката на „Инстаграм“, „Фејсбук“, „Тик-ток“ и на другите социјални медиуми е дел од нивната вообичаена рутина. Во светот има преку 5,5 милијарди корисници на социјални медиуми. Едно лице просечно поминува 145 минути на социјалните медиуми секој ден. 1 од 5 тинејџери пријавуваат дека се на „Јутјуб“ или на „Тик-ток“ „речиси постојано“, според анкетите. Некои поединци може дури и да се потпираат на социјалните медиуми за да се поврзат со семејството и со пријателите низ целиот свет. Иако виртуелната интеракција на социјалните медиуми има некои психолошки придобивки, прекумерната употреба на нив може да доведе до зависност и да предизвика негативни последици по нашето ментално здравје.
За тоа какви се ризиците од интензивното користење на социјалните мрежи врз нашето ментално здравје, за ВЕЧЕР разговараме со м-р Розита Андонова, психолог, психотерапевт.
Што покажуваат досегашните испитувања за тоа како социјалните медиуми влијаат на менталното здравје?
– Досега се објавени неколку студии кои покажаа поврзаност помеѓу користењето на социјалните медиуми и ризикот од загрозување на менталното здравје, првенствено во форма на зголемено чувство на осаменост и депресија. Прекумерното користење на социјалните медиуми (над 3 часа на ден) е силно поврзано со лошото ментално здравје, при што 64,3 % од тешките корисници пријавуваат депресија, а 74 % пријавуваат социјална изолација. Тинејџерите кои поминуваат повеќе од 3 часа дневно се соочуваат со двојно поголем ризик од лошо ментално здравје, вклучувајќи депресија и анксиозност. Клучните проблеми, и тоа 70 %, се тешкотии со спиењето, 57,7 % имаат FOMO (очајно чувство на недостаток на внимание) и 63,9 % пријавуваат ниска самодоверба. Затоа, прашањето веќе не е дали социјалните мрежи влијаат врз менталното здравје, туку на кој начин и во која насока.
Дали сметате дека проблемот е само во времето поминато онлајн?
– Како психолог и психотерапевт, во последните години сè почесто ги слушам родителите како зборуваат за тоа дека нивните деца поминуваат премногу време пред екраните. Без разлика дали станува збор за социјални мрежи, видеоигри, серии или допишување со врсници, речиси сите ја опишуваат истата сцена: детето се затвора во својата соба, задлабочено во телефонот, а тие се чувствуваат немоќно и загрижено, па бараат совет како да се справат со ваквата ситуација. Од професионална гледна точка велам не, проблемот не е само во времето, туку во тоа што децата добиваат од социјалните мрежи. И тука се поставува прашањето што сè уште недоволно си го поставуваме: Што, всушност, им нуди виртуелниот простор на децата, а не го добиваат во доволна мера во реалниот живот? Во разговорите со нив, станува јасно дека онлајн светот им овозможува нешто многу важно, брза награда и моментално чувство на важност. Таму реакцијата е веднаш видлива како „лајк“, коментар или порака. Тоа создава впечаток дека се забележани. Во дигиталниот простор можат полесно да бидат духовити, похрабри, поопуштени. Комуникацијата е контролирана, можат да размислат пред да одговорат, да избришат порака, да се повлечат без непријатна тишина. Нема директно одбивање лице в лице, нема црвенило, нема тешка пауза што понекогаш ја носи живата интеракција. Токму затоа интернетот станува привлечен, затоа што задоволува одредени психолошки потреби. Во практиката, често гледам дека прекумерното користење на екраните не е случајно. Зад него неретко стои осаменост што не е секогаш видлива. Понекогаш стои несигурност во сопствената вредност. Кај некои деца се забележува страв од неуспех или од социјално одбивање. Кај други, тешкотии во социјалните вештини што го прават реалниот контакт напорен и исцрпувачки. А понекогаш причината е едноставна, недостигаат идеи и алтернативи што носат вистинска радост, возбуда и чувство на исполнетост.
Кои се клучните механизми преку кои социјалните мрежи можат да станат извор на психолошки притисок?
– Социјална споредба. Во онлајн просторот, најчесто сме изложени на „најдобрите верзии“ од животите на другите, односно нивните успеси, убави моменти и внимателно избрани слики. Кога ваквата содржина станува секојдневие, лесно се активира чувството дека заостануваме, дека не сме доволно успешни, интересни или вредни. Социјалната споредба, иако природен психолошки процес, во дигитална средина може да стане постојан и исцрпувачки.
Страв од пропуштање. Перцепцијата дека „сите се некаде“, дека нешто важно се случува без нас, создава тивка, но упорна анксиозност. Овој страв нè турка да бидеме постојано онлајн, да проверуваме, да не испуштиме ништо, па дури и кога тоа оди на штета на нашиот внатрешен мир.
Дигитална зависност. „Лајковите“, коментарите и нотификациите директно го активираат системот на награда во мозокот. Ова не е прашање на самоконтрола или слаб карактер, туку резултат на невробиолошки механизми што го поттикнуваат повторното проверување. Со текот на времето, ова може да доведе до навика што ја нарушува концентрацијата, сонот и емоционалната стабилност.
Сајбер насилство и јавна изложеност. Онлајн просторот често ги намалува емпатијата и чувството за одговорност. Негативен коментар, јавна критика или потсмев можат сериозно да ја нарушат самодовербата, особено кај адолесцентите, кај кои идентитетот сè уште се формира. Јавната изложеност ја прави ранливоста повидлива и поболна.
Неодамна имавте проект токму на оваа тема меѓу учениците од основните училишта во Гевгелија. Какви се вашите впечатоци?
– Да, организиравме работилници посветени на влијанието на интернетот врз менталното здравје. Наместо класични предавања и предупредувања, ги поттикнавме децата да размислуваат и самите да зборуваат за своето искуство. Кога ги прашавме што им одзема интернетот, одговорите беа искрени и зрели. Некои рекоа дека им одзема време, сон и концентрација. Други признаа дека по долги часови поминати на социјалните мрежи се чувствуваат полошо, понесигурно и незадоволно од себе. Особено беше значајно што децата отворено зборуваа за тоа како социјалните мрежи влијаат врз нивната слика за себе и врз односот кон сопственото тело. Тие и самите согледале дека онлајн просторот создава впечаток дека сите треба да бидат убави, добро градени, постојано насмеани и успешни. Споделуваа дека чувствуваат притисок да ги следат трендовите, да носат одредени марки на облека и да изгледаат совршено за да бидат прифатени. Кога разговорот го насочивме кон тоа како можат да се заштитат, предлозите доаѓаа спонтано. Рекоа дека можат да престанат постојано да ги проверуваат „лајковите“, да не одговараат веднаш на провокации, да си постават временски ограничувања. Некои предложија и ден без телефон. Особено охрабрувачки беше моментот кога ги прашавме како би можеле поинаку да го поминуваат слободното време. Идеите доаѓаа природно – прошетка, дружење во живо, возење велосипед, спорт, танцување, читање книга, хоби, волонтирање. Тоа уште еднаш покажа дека децата не се против реалниот свет, туку дека тие само имаат потреба од поттикнување, структура и поддршка за да го изберат него.
Како да го заштитиме менталното здравје кај младите без тие да се откажат од социјалните медиуми?
– Дигиталната детоксикација, односно намалувањето на времето поминато онлајн, може да биде ефикасна стратегија за спречување на зависноста и други проблеми со менталното здравје. Овој процес вклучува постепено намалување на времето поминато онлајн, а воедно и зголемување на ангажманот во активности кои не се поврзани со технологијата. Исто така е важно младите луѓе да добијат поддршка во форма на психотерапија или советување доколку се соочуваат со посериозни проблеми, како што се депресија, анксиозност или зависност. Решението не лежи во целосна изолација од социјалните мрежи, туку во развивање свесен и одговорен однос кон нивното користење. Во свет во кој дигиталната поврзаност е реалност, клучна станува способноста да поставуваме граници.
Социјалните мрежи се неизбежен дел од животот на современите млади, но нивната прекумерна и некритична употреба може да има сериозни последици врз менталното здравје. Предизвиците што ги носат овие платформи бараат внимание и сериозни интервенции. Клучна улога за родителите, образовните институции и здравствените работници е да се осигурат дека младите луѓе развиваат здрави дигитални навики и дека се поддржани во справувањето со притисоците што неизбежно ги носат социјалните медиуми. Само преку координиран и сеопфатен пристап можеме да се осигуриме дека социјалните мрежи се алатка за позитивна социјализација и развој, а не извор на стрес и ментални проблеми. Во современиот свет, менталната зрелост неизбежно вклучува и дигитална зрелост. Наместо да ги демонизираме социјалните медиуми, поважно е да научиме како да ги користиме свесно, така што тие ќе ни служат нам и ние ќе управуваме со нив.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ











