среда, септември 2, 2026
Дома СВЕТ Половина од земјоделците во светот добиваат акутно труење со пестициди, а околу...

Половина од земјоделците во светот добиваат акутно труење со пестициди, а околу 11.000 луѓе умираат од нив

1
EPA/FAROOQ KHAN

Речиси половина од земјоделците и земјоделските работници во светот доживуваат акутно труење со пестициди секоја година, според истражување врз основа на податоци од 2006 до 2023 година, објавено во средата во списанието „Граници на јавното здравје“, објави „Гардијан“.

Истражувањето, нарачано од Мрежата за акција против пестициди, проценува дека годишно се случуваат помеѓу 402 милиони и 433 милиони случаи на ненамерно акутно труење со пестициди. Се проценува дека 934 милиони луѓе се вработени во глобалното земјоделство, а тоа значи дека околу 46 проценти од земјоделците и работниците се погодени.

Најголем број случаи на труење со пестициди се регистрирани во Јужна Азија, по што следуваат Југоисточна Азија и Источна Африка. Највисоката проценета стапка на труење меѓу поединечните земји е регистрирана во Буркина Фасо, каде што речиси 84 проценти од земјоделците и земјоделските работници биле изложени на пестициди. Студијата, исто така проценува дека околу 11.000 луѓе умираат секоја година од труење со пестициди, при што речиси 60 проценти од овие смртни случаи се случуваат во Индија.

Авторите на студијата повикуваат на итна акција, која вклучува и спроведување на препораката на Обединетите нации за постепено укинување на особено опасните пестициди. Студијата открива и дека во 2023 година низ целиот свет биле користени 3,8 милиони тони пестициди, што е двојно повеќе од количината што се користела во 1990 година.

Во фокусот на ова истражување се само акутните труења, односно здравствените ефекти што се јавуваат веднаш или кратко време по изложеноста, а не се вклучени долгорочните ефекти од изложеноста. Исто така, не се вклучени проценетите 84 милиони деца кои работат во земјоделството.

Но, прашање е колку можат да се избегнат пестицидите. Намалувањето на нивната употреба во Европската Унија би можело да ги намали земјоделските приноси и да ги зголеми трошоците за производство, но економското влијание би можело да биде значително помало ако хемикалиите постепено се заменат со прецизно земјоделство, органско производство и други методи за заштита на културите, објави претходно Европската комисија. Во помалку поволно сценарио, падот на приносот би можел да биде околу 10 проценти, додека комбинирањето на таканареченото прецизно земјоделство и органското производство во моделот ја намалува процената на околу шест проценти.

ИЗДВОЕНИ