ЈП „Лајка“ во последниов период сè повеќе се фокусира на тоа да ги натера граѓаните место да купуваат, да задомуваат кучиња од неговиот стационар. Оттаму се обидуваат, преку повеќе настани, да го привлечат вниманието на љубителите на кучињата да си изберат свој миленик и да се грижат за него. Последно е можноста да се биде привремен згрижувач на едно од кучињата во стационарот, да му се овозможи на кучето да престојува во домашна атмосфера, да стекне рутина и повторно да изгради доверба во луѓето, сè до неговото трајно задомување, со тоа што, за времетраење на престојот, ЈП „Лајка“ обезбедува храна, ветеринарна грижа, поддршка и насоки.

– Кучето промовирано во дом полесно наоѓа траен дом отколку кучето од стационар. Фотографиите со кучето од дом полесно допираат до граѓаните. А, секој може да биде привремен згрижувач – наведува директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева.

Таа додава дека со тоа сакаат да ги поттикнат општествената одговорност и хуманоста кај луѓето. Инаку, во првите два месеци од годинава се задомени 80 кучиња од „Лајка“, што, според Пешева, е задоволителен број

 

Јавното претпријатие „Лајка“ во последниов период сè повеќе се фокусира на тоа да ги натера граѓаните наместо да купуваат, да задомуваат кучиња од неговиот стационар. Се обидуваат, преку повеќе настани, да го привлечат вниманието на љубителите на кучињата да си изберат свој миленик и да се грижат за него.

Последна е можноста за која пишуваше и весникот ВЕЧЕР, привремено да се згрижи некое од кучињата во стационарот. Односно можноста да се биде привремен згрижувач, да му се овозможи на бездомното куче што живее во бокс да престојува во домашна атмосфера, да стекне рутина и повторно да изгради доверба во луѓето, сè до неговото трајно задомување, со тоа што, за времетраење на престојот, ЈП „Лајка“ обезбедува храна, ветеринарна грижа, поддршка и насоки.

Колку помага ова да се зголеми бројот на задомени кучиња, директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, вели дека сè уште е рано да се каже, бидејќи скоро почнале со реализирањето на оваа програма.

– Од искуство, сметаме дека со тоа што се кај привремен згрижувач, се зголемуваат шансите кучињата да си најдат траен дом. Освен тоа, на кучето му е овозможено да стекне одредени навики, начин на однесување и сето она што ќе го подготви да стане одличен миленик – истакна Пешева.       

Таа објасни дека предавањето куче од нивниот стационар на привремен згрижувач се регулира со договор во кој се наведени условите, а се договара и времетраењето на привременото згрижување. Притоа, сопственик на кучето и натаму останува  ЈП „Лајка“, сè до неговото трајно задомување.

Пешева додава дека и во минатото имале слични практики, со тоа што сега настојуваат да го поттикнат задомувањето.

Вели дека засега има интерес за привремени згрижувачи и за задомување на кучињата, иако секогаш може повеќе.

– На ваков начин, му се помага и на ЈП „Лајка“ со тоа што се ослободуваат капацитетите, а им се помага и на кучињата. Кучето промовирано во дом полесно наоѓа траен дом отколку кучето од стационар. Фотографиите со кучето од дом полесно допираат до граѓаните. А, секој може да биде привремен згрижувач – наведува Пешева.

Освен тоа, таа додава дека со тоа сакаат да ги поттикнат општествената одговорност и хуманоста кај луѓето и преку ваквите акции да го свртат вниманието кон тоа решавањето на проблемот со бездомните кучиња да биде на хуман начин.

Инаку, во првите два месеци од годинава се задомени 80 кучиња од „Лајка“, што, според Пешева, е задоволителен број.

Слична активност ЈП „Лајка“ спроведе и во февруари, по повод Свети Валентин. Станува збор за кампањата „Биди мојот Валентајн на еден ден“, во рамките на која беа реализираа вкупно 75 прошетки.

Овие прошетки беа можност кучињата од ЈП „Лајка“ да го запознаат светот надвор: градот, луѓето, секојдневието. Да прошетаат низ парк, да бидат дел од кафе-ритуал, да бидат дел од реалниот жив ритам.

– Со ова покажавме дека уличните кучиња се фантастични миленици, социјални, приспособливи и подготвени да бидат дел од нечие семејство. Покажавме дека не мора да се купи куче за да се добие верен пријател. Во исто време, потсетивме на една реалност: многу од овие кучиња ги минуваат своите најубави години зад ѕидови, додека некој избира да купи место да задоми. Токму затоа е важна видливоста – децидни се од ЈП „Лајка“.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ