Голгота низ клиниките: Мајка и ќерка „шетани“ низ здравствениот систем пред мозочен удар

Семејство: три дена борба за живот низ институционален хаос

1089

Скопјанката, Лидија Спиреска, на Фејсбук ја раскажува својата траума и голгота низ болничките ходници  кога три дена барала одговри од лекарите за состојбата на нејзината 75-годишна мајка.

„Мајка ми, која со години се бори со хипертензија, на 17 март, почна да чувствува трнење во раката и ногата, а ние буквално ја шетавме низ болничките оддели како да сме на екскурзија додека таа полека ја губеше левата страна од телото“, напиша таа.

„Со сестра ми веднаш ја однесовме кај матичниот лекар, но наместо соодветна грижа, беше примена од заменски лекар кој ѝ даде само дијазепам 10 mg. Состојбата се влошуваше – почнаа трнење и слабост во раката и ногата“, додава ќерката.

Со упат од матичната докторка, жената била препратена на кардиологија. Таму и направиле на ЕКГ и и дале нова терапија за притисок, а заклучокот на лекарите бил дека „сè е во ред“. Потоа следувало препраќање на неврологија. „Вие госпоѓо не сте за овде. Одете си дома и примајте терапија“, бил одговорот, иако симптомите продолжувале.

Следниот ден, состојбата драматично се влошила. На Ургентниот центар во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, мајката веќе не можела да оди сама.

„Ни дадоа количка и  ние ја туркавме низ одделите. Од кардиологија до ендокринологија, од ендокринологија до ревматологија, не препраќаа како да е екскурзија, додека таа полека ја губеше левата страна од телото“, раскажува ќерката.

 На ендокринологија, како што додава ќерката, „немаа идеја зошто сме таму, земаа крв за хормони од жена од 75 години божем да раѓа, а потоа ни рекоа да се обратиме на ревматологија“. На ревматологија, лекарката во шок само констатирала: „Под итно на неврологија!“ Но повторно таму биле испратени дома: „Немате упат, не сте за тука.“

Мозочен удар и избор за живот на приватно

Кога состојбата достигнала критична точка, семејството ја однеле жената во болницата „8 Септември“. Таму чекале три часа за доктор, а снимањето на глава доцнело 30 минути затоа што персоналот „бараше мачка низ одделот“, пренесува ќерката Лидија Спиреска. Во меѓувреме, мајка и веќе била во безсознание.

Дијагнозата конечно и била поставена – мозочен удар. Но и тогаш одговорот бил шокантен: „Има едно слободно место, но пациентите се со тешки инфекции#. Изборот бил или да ја остават таму или да  ја однесат дома.

По три дена агонија низ болниците, мајката итно ја транспортирале во приватна болница . „Благодарение на нивната брза реакција и професионалност, мајка ми е жива и стабилизирана. Но ова што го поминавме е пораз на системот“, заклучува ќерката и најавува дека ќе бара од надлежните институционална одговорност.

Министерот за здравство Азир Алиу неодамна истакна граѓаните да пријават неправилност на интернет страницата на МЗ [email protected] или лично да дојдат во петок од 9 до 15 часот „Отворен кабинет“.

Семејството веќе доставило целосна медицинска документација до адвокати, а случајот ќе биде покренат пред надлежните институции, вклучувајќи полиција и обвинителство. „Ова нема да остане вака. Ќе се бара одговорност, без разлика на сè“, додава ќерката. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ