четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Преку 300 тони небезбедна храна спречени да се најдат на трпезите на...

Преку 300 тони небезбедна храна спречени да се најдат на трпезите на граѓаните

0

Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој од нас има право да биде сигурен дека храната што ја купува и јаде е безбедна. Токму таа доверба е најголемата одговорност што ја носиме како институција, порача директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на настанот по повод јубилејот – 15 години од постоењето на АХВ, и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната.

Како што истакна Миланов, минатата година АХВ ја заокружи со спроведени над 47.200 надзори, а за утврдените прекршоци изрече 6.770 инспекциски мерки.

– Од формирањето на институцијата во 2011 година нашата мисија беше јасна: да изградиме и одржуваме ефикасен, транспарентен и современ систем за контрола на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Тоа е систем што веќе петнаесет години ги става граѓаните, производителите и бизнис-секторот на прво место, со посветеност на безбедноста на храната, здравјето и благосостојбата на животните и заштитата на јавното здравје – нагласи директорот.

Според него, покрај безбедноста на храната, значаен дел од работата на АХВ е и здравствената заштита и благосостојбата на животните.

– Нашата определба е јасна – здрави животни, безбедна храна и одговорен однос кон животните како предуслов за одржливо земјоделство и сигурен синџир на храна. Изминатите 15 години континуирано ги спроведувавме националните програми за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, како и програмите за мониторинг и надзор, со цел навремено откривање и справување со потенцијалните ризици. Благодарение на посветената работа на ветеринарните служби и соработката со одгледувачите, успеавме да одржиме висок степен на заштита на здравјето на животните и да придонесеме кон заштита на јавното здравје – рече Миланов.

Осврнувајќи се на инспекциската служба, напомена дека спроведува десетици илјади надзори годишно, во сите фази од синџирот на храна – од примарното производство на храна од животинско потекло, производство и преработка на храна од животинско и неживотинско потекло, до дистрибуција и продажба.

– Покрај заштитата од небезбедна храна, особено внимание посветуваме и на спречувањето измами со храна. Современите предизвици не се ограничени само на безбедносните ризици. Сѐ почесто се соочуваме со случаи на погрешно означување, лажно претставување на потеклото или на составот на производите и други практики, кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда. Затоа, преку засилени контроли и лабораториски испитувања континуирано ги зајакнуваме механизмите за откривање и спречување на ваквите појави следејќи ги европските практики и стандарди. Со тоа ја штитиме не само безбедноста туку и правото на потрошувачите на точни и веродостојни информации за храната што ја купуваат – потенцира Миланов.

– Во 2024 и 2025 година ги интензивиравме инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Не дозволивме на домашниот пазар и на трпезите на граѓаните да се пласираат повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Како небезбедни од граничните премини вративме 16 пратки со храна од животинско потекло, а нештетно уништивме три пратки. Дополнително, забранети се девет пратки на храна од неживотинско потекло и уништени се 90 тони храна од неживотинско потекло од увоз – информира Миланов.

 

ИЗДВОЕНИ