среда, ноември 4, 2026
Дома СКОПСКА Предвидена изградба на две средни училишта – во Драчево и во Ѓорче...

Предвидена изградба на две средни училишта – во Драчево и во Ѓорче Петров

0

Со краткиот ребаланс на буџетот што претстои, Град Скопје предвидува паралелна изградба на два објекти за средни училишта во Драчево и во Ѓорче Петров.

– Паралелно ќе почнеме да градиме две нови училишта. Тоа е ново училиште на местото на ветеринарното и гимназијата во Драчево и на местото училиштето во Ѓорче Петров, каде што, за жал, во 21 век средношколците учат во бараки – најави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. 

Притоа, рече дека за разлика од минатото, сега се прави ребаланс на буџетот на Град Скопје за средствата од заштедата при одредени постапки и проекти, да се реалоцираат за нови проекти, кои кореспондираат со неговите предизборни ветувања.

Тој додаде дека со изградбата на „Лимак“, од првично планираните средства биле остварени заштеди и биле реалоцирани за да се почне постапката за нов кружен тек на влезот во Скопје, од страната на Сарај, и за нов мост, нешто што, рече, било ветувано со децении наназад во главниот град.

– За втората фаза на „Лимак“, подземната сообраќајница „Македонија“, по проект и по буџет ни беа предвидени 1,1 милијарда денари, во тендерска постапка цената падна на 750 милиони денари. Остатокот од средствата ние ги реалоциравме и затоа беше ребалансот – за да почнеме постапка за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и за нов мост. Проект што е ветуван триесетина години во главниот град – истакна Ѓорѓиевски.

Како што рече, предизборно ветил само реализација на првата фаза на подземната сообраќајница „Македонија“, но дека до крајот на мандатот ќе се реализира таа во целост.

– За „Лимак“ или подземната сообраќајница „Македонија“, во кампањата ветив дека ќе ја реализирам само првата фаза, а тоа е влезот на Кисела Вода кон тунелите што се планираат, но до крајот на мандатот ќе ја реализираме во целост. А, тоа е сериозен проект – нагласи Ѓорѓиевски.

Освен тоа, наведе дека Град Скопје финансиски е консолидиран, при што за 18 проценти е зголемена наплатата оваа година.

– Мислам дека сме стабилни и ќе можеме да одговориме на сите предизвици во наредните три години, онака како што планираме – изјави скопскиот градоначалник.

Во врска со капиталните инвестиции, посочи дека, заклучно со третиот квартал, реализацијата е 1,1 милијарда денари, што, рече, е за 50 проценти повеќе од првата година на Петре Шилегов и 40 отсто повеќе од времето на Данела Арсовска.

– Мислам дека тоа е, ако земеме предвид дека 5,2 милијарди, до крајот на годината би имале околу две милијарди, повеќе од една третина се за капитални инвестиции, што не било случај години наназад – рече првиот човек на градот.

ИЗДВОЕНИ