Министерот за здравство најави формирање посебна комисија која ќе го разгледува случајот со Ива Михаилова, а во проверката ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова следува откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат го завршил првичниот инспекциски надзор, при што биле опфатени повеќе здравствени установи.
„Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија, и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека целокупната документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка.
Со формирањето на комисијата и вклучувањето странски експерти, Министерството најавува дополнителна проверка на медицинската документација и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот. (П.А.)












