среда, ноември 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Наместо нови болнички кревети, фокусот е на реорганизација, децентрализација и дигитализација на...

Наместо нови болнички кревети, фокусот е на реорганизација, децентрализација и дигитализација на здравството

Министерството ќе се пренасочува кон долгорочна грижа

0

До 2051 година, на Македонија ќе ѝ бидат потребни околу 400 болнички кревети помалку, покажуваат проекциите врз основа на кои Министерството за здравство планира да ја менува организацијата на болничките капацитети. Проекциите укажуваат дека веќе до 2030 година ќе има значително намалување од 60 % на потребата од болнички кревети во внатрешноста, додека во Скопје се очекува потребата на легла се очекува да се зголеми за 200. Ова прашање на вчерашниот брифинг со новинарите го отвори министерот за здравство Сашо Клековски – дали досегашната политика на градење нови болнички објекти и проширување на капацитетите е одржлива на долг рок.

Пораката на Министерството е дека здравството мора да излезе од политиката на нови згради и нови кревети и да почне да ги планира капацитетите според реалните потреби на населението. Тоа не значи дека нема да се градат нови центри, туку дека дел од постојните болнички капацитети треба да добијат поинаква намена. Една од можностите е нивно пренасочување кон долгорочна медицинска грижа за пациентите со Алцхајмерова и Паркинсонова болест, лицата со аутизам и старите лица на кои им е потребна континуирана здравствена нега.

Во отчетот се посочува и потребата од подобар пристап до лекови. Обновена е есенцијалната листа, обезбедена е модулаторна терапија за пациентите со цистична фиброза, а откочена е и донацијата за пациентите со хемофилија. Во следниот период се најавува нов закон за лекови, како и посебен закон за медицинските сестри, со кој треба да се уреди нивниот професионален статус. Во план е и проширување на услугите што ќе ги нудат аптеките, вклучително и можноста за аплицирање вакцини во аптекарски услови.

Еден од најголемите проблеми што го пријавуваат граѓаните е организацијата на итната медицинска помош и ургентните служби. Министерството планира воспоставување национален диспечерски центар, кој треба подобро да ги координира повиците, екипите и упатувањето на пациентите. За воведување парамедици се разговара со Медицинскиот факултет, со цел да се создаде соодветен образовен профил за оваа служба. Во меѓувреме, завршено е реновирањето на КАРИЛ, но останува набавката на потребната опрема. Предвидена е и реконструкција на ургентниот дел во областа на токсикологијата.

Промени се најавуваат и во радиодијагностиката. И покрај бројот на КТ-апарати со кои располага здравствениот систем, нивната искористеност не е рамномерна, а проблем е и непотребното упатување на пациентите на компјутерска томографија. Според оценката на Министерството, проблемот не е само во бројот на апаратите туку и во непотребното упатување на снимања. Дел од лекарите бараат радиодијагностички испитувања и кога за тоа нема доволна медицинска оправданост, што создава дополнителен притисок врз капацитетите и ги продолжува листите на чекање. За мамографите, планот е повторно објавување на тендерот, при што се очекува апаратите да бидат обезбедени од Европската Унија до крајот на годината. Потоа фокусот ќе се префрли на решавање на проблемот со магнетните резонанци, брифираат од министерството.

Реорганизација се подготвува и за Клиниката за онкологија. Целта е дел од терапиите да се аплицираат во други болници, поблиску до местото на живеење на пациентите, со што би се намалиле секојдневните патувања до Скопје и преоптовареноста на Клиниката. Министерството се соочува со отпор и кај дел од вработените на Онкологија и во болниците во кои треба да се пренесат услугите, а решението се бара во координација со раководствата на установите. „Дополнителен проблем се акцелераторите кои веќе постојат во здравствениот систем, но не се во употреба. Министерството треба да утврди како тие ќе се стават во функција. Планот е во следните три месеци да започне децентрализацијата на онколошката терапија во две болници, а се разгледува можноста да биде опфатена и трета установа надвор од Скопје“, вели Клековски.

Во областа на превенцијата се подготвува нов концепт на скрининг-програмите, со повеќе финансиски средства и подобра евиденција на прегледите. Еден од проблемите е што Министерството нема целосна слика за бројот на граѓани кои се опфатени со скринингот, бидејќи дел од нив прегледите ги прават во приватни здравствени установи, без податоците да бидат соодветно евидентирани во системот.

Дигитализацијата останува еден од главните приоритети. За нејзино спроведување во следните пет години се планираат 50 милиони евра. Целта е здравствените податоци да бидат поврзани и достапни, а одлуките за кадрите, опремата, лекувањето и распределбата на средствата да се носат врз основа на реални податоци, наместо врз претпоставки. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ