Со доделување на признанијата „Феникс“ за животни постигнувања на истакнати личности, Општина Центар го одбележа јубилејот, 50 години од формирањето на локалната самоуправа.
Годинашни добитници на признанието „Феникс“ се Васил Тупурковски, професор, правник и политичар, Зоран Михајлов, доајен на спортското новинарство, архитектот и урбанист Мирослав Грчев, актерите Магдалена Ризова-Черних и Ѓокица Лукаревски, композиторот и пијанист, Дуке Бојаџиев, д-р Марија Весова, анестезиолог и Тодор Тасевски-Тото, кој со децении го негува боемскиот дух на Скопје.
На свечениот прием, градоначалникот Горан Герасимовски им се заблагодари на сите кои низ годините придонесувале за развојот на Центар, на вработените во Општината, училиштата и градинките, соработниците, а особено на граѓаните за довербата, поддршката, критиките и предлозите кои се поттик за уште подобра работа.
– Да го чуваме она што ни го оставиле генерациите пред нас и да создадеме нешто вредно за генерациите по нас. Секоја генерација оставила свој белег во приказната за Центар и на сите нив им должиме благодарност и почит – истакна Герасимовски.












