Намалени нарачки од Германија, пад на извозот, зголемени цени на енергенсите, горивата и на електричната енергија се само дел од предизвиците со кои се соочува македонската индустрија во услови на зголемена економска неизвесност. Иако официјалните статистички податоци покажуваат раст на индустриското производство, истовремено се забележува загрижувачки тренд на намалување на бројот на вработени во овој сектор. Ваквите движења отвораат сериозни прашања за реалната состојба во индустријата, одржливоста на производството и сигурноста на работните места.
Зад ваквите движења стојат повеќе фактори, кои директно влијаат врз работењето на компаниите. Намалувањето на нарачките од Германија, еден од клучните трговски партнери на македонската економија, создава дополнителен притисок врз производствените капацитети. Истовремено, воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток придонесуваат за нестабилност на енергетските пазари и за повисоки цени на нафтата, горивата и на електричната енергија, кои претставуваат значаен трошок во индустриското производство. Сето ова ја зголемува неизвесноста околу извозот, пласманот на производите и идните деловни планови на компаниите. Во услови на послаба побарувачка и повисоки производствени трошоци, дел од индустриските капацитети се принудени да го намалат интензитетот на работењето, а со тоа и потребата од работна сила.
Игор Герасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека се присутни проблемите во повеќе индустриски гранки, а особено се изразени во металната индустрија. Според него, намалените извозни квоти кон Европската Унија, послабите нарачки и високите цени на енергенсите веќе подолг период го ограничуваат работењето на компаниите.
– Во металната индустрија има намалување на извозните квоти кон Европската Унија, што дополнително го отежнува работењето на компаниите. Дел од индустриските капацитети веќе година и пол работат со намален интензитет поради намалените нарачки и зголемените цени на енергенсите, како последица на војната во Украина. Сето тоа се одразува врз обемот на производството, но и врз потребата од работна сила. И статистичките податоци го потврдуваат овој негативен тренд, бидејќи е забележано намалување на бројот на вработени во повеќе индустриски гранки – вели Герасов.
Тој додава дека последиците од неповолните економски движења веќе се чувствуваат и во конкретни компании, од кои дел се соочуваат со сериозни финансиски и производствени проблеми.
– ФАКОМ АД Скопје е во исклучително тешка финансиска состојба, работи со загуби, има големи долгови и блокирана сметка, поради што се наметнува и прашањето за отворање стечајна постапка. ФЕНИ од Кавадарци, пак, е во застој и се очекува негово рестартирање. Дополнителен проблем има и во „Кромберг и Шуберт“, каде што се намалени нарачките поради падот на производството на нови автомобили на „Ауди“ и на „Фолксваген“. Автомобилската индустрија во Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои намалување на асортиманот на модели, затворање фабрики и отпуштање работници. Последиците директно се чувствуваат и кај нашите компании што се дел од синџирот на набавувачи – истакнува Герасов.
Проблемите не ја заобиколуваат ниту текстилната индустрија, која веќе подолг период се соочува со намалување на производството, пад на извозот и со континуирано губење на работните места. Според Ангел Димитров, директор на АД „Мода“ и член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија, текстилната индустрија е меѓу најпогодените индустриски гранки. Само во последната година бројот на вработени во овој сектор е намален за 11 проценти.
– Текстилната индустрија е во исклучително тешка состојба и бележи најлоши резултати во споредба со другите индустриски гранки. Еден од главните фактори за ваквите состојби е економската криза во Германија, која е наш најголем трговски партнер и пазар на кој завршува значителен дел од македонскиот извоз. Сите проблеми со кои се соочува германската економија, директно или индиректно, се прелеваат и кај нас. Германија има особено значење за македонската индустрија, бидејќи токму со оваа земја остваруваме суфицит во трговската размена. Меѓутоа, во последните години забележливо е намалување на извозот на германскиот пазар, што е последица на неповолните економски движења и на намалената побарувачка – вели Димитров во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Тој посочува дека проблемите со кои се соочува германската индустрија, особено високите трошоци за енергија и последиците од војната во Украина, имаат сериозни последици и врз домашните компании поради силната економска поврзаност меѓу двете земји.
– Германската индустрија е под силен притисок од високите трошоци за енергија и последиците од војната во Украина, а тоа неизбежно се одразува и врз македонските производители. Кога имаат германските компании помал обем на производство и помалку нарачки, тоа веднаш го чувствуваат и нашите фирми што работат за нивниот пазар. Последиците се губење на работните места, намалување на производствените активности, но и затворање на фабриките. За жал, овој тренд трае подолг период и остава сериозни последици врз текстилниот сектор – истакнува Димитров.
Колкав е обемот на проблемот, покажуваат и податоците за вработеноста. Во последните четири-пет години, бројот на работници во текстилната индустрија е намален од околу 47.000 на приближно 35.000. Тоа значи дека загубил секторот околу 12.000 работни места, што дополнително ги потврдува сериозноста на состојбите и неизвесноста за иднината на текстилните компании и на нивните вработени.
Намалувањето на бројот на работници во индустријата е значаен показател за состојбите во секторот, кој претставува еден од клучните извори на вработување во голем број градови низ Македонија. Затоа овие статистички податоци не се само економска категорија туку и показател за сигурноста на работните места, животниот стандард на граѓаните и за перспективите за вработување, особено во средините во кои индустриските капацитети се главни носители на локалната економија.
Сепак, падот на вработеноста од 2,9 проценти не значи дека секоја фабрика отпуштила ист процент од работниците. Станува збор за просечно намалување на ниво на целата индустрија, при што состојбите се разликуваат од компанија до компанија и од една до друга индустриска гранка. Додека некои компании успеваат да го одржат, па дури и да го зголемат бројот на вработени, други се соочуваат со намалени нарачки, послаб извоз и со потреба од редуцирање на работната сила.
Она што особено загрижува е фактот што не е проследен растот на индустриското производство со раст на вработеноста. Напротив, бројот на работници се намалува, а одделни индустриски гранки и компании се соочуваат со сериозни проблеми. Тоа отвора прашање колку е одржлив ваквиот раст и дали ќе успее македонската индустрија да ги зачува производствените капацитети и работните места во услови на продолжена економска неизвесност.
(А. С.)












