Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, поднесе оставка во период кога се соочува македонското сточарство со сериозна криза поради ширењето овчи сипани, од кои досега пцовисаа повеќе од 10.000 овци.
На негово место е назначен Јовица Андовски, досегашен заменик-министер за здравство. Миланов ја презеде функцијата во летото 2024 година и засега не соопшти официјални причини за повлекувањето.
Оставката доаѓа по критиките од сточарите поради доцнењето на вакцините и начинот на справување со заразата. Само еден ден пред информацијата за неговата оставка, Миланов објави дека пристигнале во земјава 400.000 дози вакцини против овчи сипаници, набавени од Турција. Најави дека ќе почне итна вакцинација на целата територија на државата, согласно со планот одобрен од Европската Унија.
Освен сточарите, кои постојано реагираа за големите загуби во сточарството поради пцовисувањето на овците, и поранешниот директор на АХВ, Зоран Атанасов, рече дека економската штета достигнала околу 1,4 милиони евра, а во пресметката не се вклучени загубите од млеко, сирење, јагниња и субвенции.
Атанасов постави прашање зошто не биле набавени вакцините уште во јули, кога веќе се ширела болеста на половина од територијата на државата. Според неговата процена, набавката би чинела меѓу 1,7 и 2 милиони денари. Тој побара и одговорност за начинот на кој се справувале институциите со заразата.
Во меѓувреме, се подготвува нов предлог-закон за здравје на животните, кој предвидува задолжителна регистрација и идентификација на животните, евиденција на нивното движење и построги мерки за спречување заразни болести.
За непочитување на правилата се предвидуваат казни од 300 до 6.000 евра за правните лица, зависно од големината на компанијата, како и санкции за одговорните и за физичките лица.
Новиот директор на АХВ го презема раководењето во момент кога очекуваат сточарите итни мерки, запирање на ширењето на болеста и конкретни одговори за големите загуби што ги претрпе секторот.












