понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕДЛОЖЕНАТА ПРОМЕНА ПОВЛЕЧЕ ДИЛЕМИ – ДВОЈНИТЕ ПАСОШИ ПОД ЛУПА: Едно државјанство за...

ПРЕДЛОЖЕНАТА ПРОМЕНА ПОВЛЕЧЕ ДИЛЕМИ – ДВОЈНИТЕ ПАСОШИ ПОД ЛУПА: Едно државјанство за пратениците ќе ги стави на тест и сите функционери и европската практика

Откако група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ предложија промена со која еден пратеник може да има само македонско државјанство, опозицискиот СДСМ предложи и амандман со кој таквата обврска би важела и за сите избрани и именувани функционери. Правните експерти објаснуваат дека воведувањето на обврската за само едно државјанство за пратениците не е спорно, но подобро би било да се однесува на сите избрани и именувани функционери. – Во цела ЕУ речиси нема земја членка што има таква обврска, со исклучок мислам само на Бугарија. Зарем Бугарија треба да ни биде пример во тоа? Ако еден министер добро ја врши својата работа и носи инвестиции, зошто да се ограничува само со едно државјанство? – потенцира пензионираниот професор Борче Давитковски за весникот ВЕЧЕР

1157

Воведувањето на обврската за пратениците за поседување само едно државјанство – македонско не е толку уставно и законски спорно колку што ќе создаде нееднакви услови и ситуации во многу јавни области во земјава. Оттаму, поправедно решение би било обврската за еден пасош за една функција да важи за сите избрани и именувани функционери и други вршители на јавни дејности. Но, тогаш ќе се постави прашањето колку е добро тоа за една земја што се стреми да биде членка на Европската Унија, во која речиси сите земји немаат такво ограничување и каде што се дозволува функционерите да имаат двојно државјанство. Вакво е мислењето на уставните и на другите правни експерти во однос на вчерашното меѓупартиско надмудрување околу предлогот за воведување законска обврска со која пратениците во македонското Собрание би можеле да имаат само македонско државјанство.

Пратениците во македонското Собрание завчера го прифатија и го ставија на дневен ред предлогот на група пратеници од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со кој наскоро треба да се гласа за него. Со тоа, во Законот за пратеници, покрај другите постојни услови за станување пратеник, како полнолетство, деловна способност и неосудуваност, ќе се воведе и обврската за поседување само на македонско државјанство.

Кој сè може да има резервна татковина?

Но, денеска од опозицискиот СДСМ поднесоа амандман на овој предлог, при што се бара обврската за поседување само македонско државјанство да важи и за министрите, вицепремиерите и за целиот состав на Владата, и тоа веднаш. Односно, истите правила да важат за сите избрани и именувани функционери. Партискиот лидер, Венко Филипче, рече дека бараат да почне да се применува обврската и врз актуелниот пратенички состав.

– Не може министрите во Владата да имаат резервна татковина. Не може министерка во влада да има пасош и државјанство на друга држава. За чии интереси работат таа министерка и уште еден министер што го крие бугарското државјанство? За чии интереси работат тие луѓе? Тоа е прашањето. Треба дебата и анализа кој ќе го спроведе сето тоа. Но тоа, еве, по донесувањето на законот. Кога ќе даде човек изјава под материјална, кривична одговорност, тоа е сериозна работа – нагласи Филипче.

На ова одговорија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ спроведува налог од Бугарија.

– Од авион се гледа синхронизираноста на темата за државјанствата меѓу структури од Бугарија, кои ја пуштаат темата, незадоволни од политиката на патриотизам и непопустливост на ВМРО, за разлика од поданичката политика на СДС, со која се налепуваат на оваа тема диктирана од Бугарија како мува на мед – потенцира пратеникот Миле Лефков.

Според него, кога на Бугарија ќе ѝ притреба Македонија во нејзината јавност, СДСМ истиот ден, изутрина, на прес, ја сервира таа услуга за Бугарија.

– Од целиот процес за државјанства направи циркус и пародија. По истиот принцип, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ може сега да побара да нема златни визи или документи за жителство какви што има првиот човек на СДС во Дубаи – рече Лефков.

Различно од европската практика

Инаку, македонскиот Устав и законите не забрануваат и дозволуваат нашите државјани, покрај македонско, да имаат и државјанства на други земји. Во конститутивниот акт, во членот 4 е наведено дека нашите граѓани имаат македонско државјанство и дека тоа се уредува со закон. Во Законот, пак, е наведено дека „македонски државјанин може да има и државјанство на друга држава“. Но, според правните експерти, ова не е пречка во одредени области да се воведе условот да се поседува само македонско државјанство за избор на некоја функција. Универзитетскиот професор Борче Давитковски, за весникот ВЕЧЕР објаснува дека и досега сме имале вградување на таквата обврска во законите.

– Условот да се има само едно – македонско државјанство веќе е воведен во Законот за надворешни работи и се применува врз амбасадорите, постои и како услов за избор на претседател на државата, а предложен е и да се воведе и да се применува врз државниот јавен обвинител. Значи, не е спорно и можно е да се воведе и за други јавни функционери. Но, според мене, погрешно би било сега да се воведува само за пратениците. Ако се воведува, тогаш треба да се воведе и да биде обврска и за сите други избрани и именувани лица за да не добиеме едно шаренило од условите што важат од област до област. Условот тогаш нека се предвиди во Законот за избор и именување функционери – потенцира Давитковски.

Меѓутоа, тој не смета дека е ова нешто кон што треба да се стремиме како држава.

– Во цела ЕУ речиси нема земја членка што има таква обврска за само едно државјанство. Мислам дека само во Бугарија има таков услов. Зарем Бугарија треба да ни биде пример во тоа? Ако еден министер добро ја врши својата работа и носи инвестиции, зошто да се ограничува само со едно државјанство? – потенцира овој професор.

Актуелниот судија во Уставниот суд, Осман Кадриу, вели дека воведувањето само едно државјанство за одредени функции не е уставно спорно.

– Мислам дека не би било спорно тоа со оглед на спецификите на одредени функции во земјава. Кога бев член на Судскиот совет, ние бевме на ставот и се залагавме кандидатите за судии да имаат само македонско државјанство со оглед на значењето на нивната функција. Така е и со функционерите. Со оглед на функцијата што ја вршат, мислам дека не би требало да имаат две државјанства. Но, сега не треба да се воведе само за пратениците туку и за сите функционери, во извршната, законодавната и во судската власт – потенцира овој судија во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Бранко Наумовски, смета дека, општо гледано, има нарушување на уставните и на законските права на граѓаните, но има и посебни ситуации.

-Воведувањето на условот за само едно државјанство за сите функционери, сепак, е нарушување на нивните основни уставни и законски права, кои дозволуваат двојно државјанство. Но, во одредени ситуации, може да се предвиди таков услов во некој закон кога, на пример, постојат безбедносни ризици или кога одредени лица имаат конфликт на интереси – објаснува Наумовски за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

Спорна примена врз актуелните пратеници

Правните експерти укажуваат дека новиот услов за едно државјанство за пратениците не би можел да се примени врз актуелниот состав на Собранието.

-Општо е и уставно правило со кое законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните. Тоа значи дека она што е неповолно за пратениците, не може да се примени врз нив. Тие се веќе избрани за пратеници и не смеат да се стават во ситуација да се откажат од некое државјанство што веќе го имаат. Тоа ќе значи дека се ставаат во неповолна ситуација – објаснува професорот Давитковски.

ИЗДВОЕНИ