Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва (7 јули) во 18:30 часот, ќе се одржи настан посветен на еден од великаните на македонската книжевност – тематско предавање со наслов „Столб на вселената или поттикнувач на сите движења – жената во делото на Петре М. Андреевски“ на Гордана Јовиќ-Стојковска. КИЦ во Софија почнува со нов циклус на настани посветени на одбележувањето на значајни јубилеи и годишнини на истакнати личности и дела што оставиле неизбришлива трага во македонската историја, книжевност и култура. Првиот настан од овој циклус е посветен на одбележувањето на 20-годишнината од упокојувањето на еден од најголемите македонски книжевни творци – Петре М. Андреевски, автор чие дело претставува духовен столб на современата македонска литература и трајно сведоштво за историската, културната и човечката судбина на македонскиот народ.

Инаку, поаѓајќи од трите антологиски дела – „Пиреј“, „Тунел“ и „Дениција“, предавањето ќе понуди продлабочено толкување на творечкиот универзум на Петре М. Андреевски, откривајќи ја неговата исклучителна книжевна визија и филозофска мисла низ призмата на женскиот лик. Настанот ќе претставува можност за ново читање и вреднување на неговото творештво, но и за отворање поширок дијалог за неговото трајно влијание врз развојот на македонската книжевност, културната мисла и националниот идентитет.

Особено внимание ќе ѝ биде посветено на повеќеслојната симболика на жената во неговите дела – од архетипската жена мајка, страдалничка и чуварка на животот во „Пиреј“, преку жената што се осознава, духовно созрева и се еманципира во „Тунел“, до возвишениот лик на жената во „Дениција“, претставена како олицетворение на љубовта, духовната целосност и космичката хармонија. Токму преку овие книжевни визии ќе биде осветлен длабокиот афинитет на Петре М. Андреевски кон женскиот свет, согледан како темелна животна сила, поттикнувач на духовната преобразба и носител на човечката и на културната вечност.

ИЗДВОЕНИ