Претставниците на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, заедно со медалистите од јуниорската и од сениорската репрезентација, остварија прием кај претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, како признание за одличните резултати на меѓународната сцена.
Македонските кикбоксери имаа исклучително успешна година, освојувајќи три златни и два бронзени медали на Светското јуниорско првенство во Италија, како и еден златен, два сребрени и шест бронзени медали на Европското сениорско првенство, кое се одржа во Скопје.
Претседателката Давкова им честиташе на спортистите за постигнатите успеси, нагласувајќи дека освоените одличја се резултат на голема посветеност, дисциплина и на пожртвуваност.
- За мене, медалите и пехарите се доказ за спортско витештво, посветеност, дисциплина, пожртвуваност и верба дека со решеност може да се постигне дури и невозможното. Во нив препознавам личности што се инспирација за своите соученици и врсници, но и за идните генерации – истакна Давкова.

Таа посочи дека спортските успеси имаат многу поголемо значење од освоените медали, бидејќи претставуваат важен дел од меѓународното афирмирање на државата.
- Спортската дипломатија е врвно миротворно оружје на малите држави, заедно со културната и со економската дипломатија. Вреди да се инвестира во здравото тело и во здравиот дух – порача претседателката.

Од Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија јавно упатија благодарност за приемот, истакнувајќи дека станува збор за особена чест и признание за спортистите и нивните досегашни резултати. Според Федерацијата, ова е единствен ваков прием што го оствариле нивните медалисти досега.
- Претседателката одржа навистина инспиративен говор, кој нè поттикна, нè охрабри и ни даде дополнителна волја и мотив да продолжиме да работиме уште повеќе и уште посилно. Целта е следната година да ги потврдиме досегашните резултати, да ги удвоиме успесите и да ги освоиме и оние златни медали што не успеавме да ги освоиме на Европското сениорско првенство – порачаа од Федерацијата.
Од раководството дополнително нагласија дека постигнатите резултати се уште позначајни ако се земат предвид финансиските услови и нерамноправната позиција во однос на дел од конкурентите на меѓународната сцена.
Приемот кај претседателката претставува дополнителен мотив за македонските кикбоксери, кои најавуваат продолжување на напорната работа, со амбиција и следната година повторно да ја претставуваат Македонија на највисоко ниво.











