четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Празничен бран преку граница: Илјадници македонски граѓани заминаа, новиот ЕУ систем ќе...

Празничен бран преку граница: Илјадници македонски граѓани заминаа, новиот ЕУ систем ќе ги забави уште повеќе

543

Празничниот продолжен викенд создаде огромни гужви на граничните премини низ државата, откако голем број македонски граѓани решија да го искористат сончевото време и слободните денови за патување надвор од земјата.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатите 24 часа преку граничниот премин Богородица кон Грција излез оствариле 6.864 македонски државјани, додека 1.394 влегле во државата. Во истиот период, влез во земјава оствариле 4.753 странски државјани, а 5.070 ја напуштиле.

Сепак, најголем притисок има на граничниот премин Табановце, каде во последното деноноќие излез од државата оствариле дури 9.150 македонски државјани, додека 3.158 влегле. Кај странските државјани, 7.360 влегле во земјава, а 5.449 ја напуштиле.

На граничниот премин Дојран, во истиот период, излез оствариле 546 македонски државјани, а влез 241. Кај странците, 1.212 влегле, додека 1.114 ја напуштиле државата.

Преку граничниот премин Меџитлија, пак, излез од државата оствариле 832 македонски државјани, а влез 129. Во однос на странските државјани, 3.347 влегле, а 3.038 ја напуштиле земјата.

Дополнително, од денеска започна целосната имплементација на новиот систем за влез во Европската унија, кој воведува дигитализирана евиденција и контрола на патниците од земјите што не се членки на ЕУ. Со системот ќе се собираат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија, со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој според правилото „90 дена во 180“.

Овој нов начин на контрола може да предизвика подолго задржување на граничните премини при влез во ЕУ.

Од МВР информираат дека се преземени сите неопходни мерки, со ангажирање на целокупните технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди побрз и поефикасен проток на патници.

ИЗДВОЕНИ