Во насока на подобрување на деловната клима и ажурирање на бизнис-регистарот, Општина Кисела Вода ги повикува сите правни и физички лица кои вршат угостителска дејност на оваа територија, а сè уште немаат доставено податоци, да го сторат тоа во најкраток можен рок.
– Целта е целосно евидентирање и олеснување на работењето на угостителскиот сектор во општината. За упис во бизнис-регистарот на Општина Кисела Вода, покрај барањето, правните лица треба да приложат пријава до Државниот пазарен инспекторат за минимално-технички услови, доказ за сопственост или право на користење (за сместувачки капацитети, апартмани, соби или селски домаќинства) и доказ за платена административна такса од 50 денари. За физичките лица кои вршат угостителска дејност потребни се доказ за сопственост и административна такса од 50 денари – соопштија од Општина Кисела Вода.
Сите потребни документи и обрасци се достапни на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода.
Дополнително, објектите за сместување подлежат на законска категоризација која ја врши општината, односно градоначалникот на Град Скопје, а субјектите имаат и обврска да поднесат пријава за утврдување на часот на отпочнување и распоредот на работното време.
Целокупната документација се доставува во архивата на Општина Кисела Вода со назнака „За упис во регистар“, додека за сите дополнителни информации и поддршка, заинтересираните можат да се обратат на телефонскиот број: 072/314-945.












