НОВА ТРГОВСКА АРТЕРИЈА КОН ПАЗАРИТЕ НА ЈУГОИСТОЧНА АЗИЈА
Кина го отвори каналот Пинглу, обезбедувајќи му на својот југозападен дел пократок воден пат до морето. Каналот го скратува патувањето за повеќе од 560 километри по внатрешните водни патишта за стоката од југозападна Кина до морето. Новиот канал би можел да стане важен коридор за движење на стоката во двете насоки меѓу огромните пазари на Кина и Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија. Се очекува новата водна врска да ги намали вкупните логистички трошоци за 18 до 30 проценти и секоја година да овозможи заштеда од повеќе од 5 милијарди јуани на транспортни трошоци
Кина го пушти во употреба каналот Пинглу, отворајќи му на својот континентален југозапад пократок пат до морето и до прекуокеанските пазари, особено до пазарите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН), која е најголем трговски партнер на земјата.
Каналот е изграден со инвестиција од 72,7 милијарди јуани, односно околу 10,75 милијарди американски долари. Долг е 134,2 километри и се протега од Хaнгџоу, град на ниво на округ во јужнокинескиот автономен регион Гуангси Жуанг, до заливот Бејбу, кој претставува најблизок поморски излез за голем дел од југозападна Кина.

Каналот е дел од Новиот меѓународен копнено-морски трговски коридор, стратешка трговска маршрута што ги поврзува внатрешните региони на Кина со АСЕАН и со другите светски пазари. Тој е првиот проект за канал што ги поврзува реките со морето, планиран и координиран на национално ниво од основањето на Народна Република Кина во 1949 година.
Каналот е проектиран за пловни објекти со носивост до 5.000 тони. Тој го скратува патувањето за повеќе од 560 километри по внатрешните водни патишта за стоката од југозападна Кина до морето во споредба со традиционалните маршрути што минуваат низ пристаништата во провинцијата Гуангдонг.
Се очекува новата водна врска да ги намали вкупните логистички трошоци за 18 до 30 проценти и секоја година да овозможи заштеда од повеќе од 5 милијарди јуани на транспортни трошоци.
Лу Синин, заменик-претседателка на регионалната влада на Гуангшји, изјави дека каналот создава нова врска меѓу кинескиот пазар со 1,4 милијарди луѓе и пазарот на АСЕАН со речиси 700 милиони потрошувачи.
Според Лу, влијанието на каналот би можело да се прошири и надвор од транспортот на стока, поттикнувајќи нови прекугранични инвестиции и продлабочувајќи ја интеграцијата на регионалните синџири на снабдување.

Каналот се градеше повеќе од четири години. Најголемиот дел од него е создаден со проширување, продлабочување и исправување на постојните водни патишта, додека мал дел морал да биде ископан низ копно и планински терен.
– Немаше воспоставен модел или готов пример што можевме да го следиме, изјави Ченг Јаофеј, претседател на гуангшјиската компанија за изградба на каналот Пинглу.
Еден од најголемите инженерски предизвици било совладувањето на разликата во нивото на водата од 65 метри, што приближно одговара на висината на зграда со повеќе од 20 ката.
По должината на каналот се изградени три навигациски јазли, од кои секој има по две паралелни бродски преводници. Тие овозможуваат подигање и спуштање на бродовите при совладувањето на разликите во водостојот.
Инженерите развиле системи за рециклирање на водата во навигациските јазли, со што каналот може годишно да заштеди повеќе од 1 милијарда кубни метри вода.
Заштитата на животната средина била уште еден приоритет во текот на изградбата. Повеќе од 98 проценти од приближно 315 милиони кубни метри земја и карпи ископани при изградбата биле повторно искористени.
Каналот има и рибен премин долг повеќе од 480 метри, како и посебен премин за диви животни, наменет за копнени животни, меѓу кои леопардови мачки и верверички.
Каналот е пуштен во употреба во првата година од 15. петгодишен план на Кина, кој го опфаќа периодот од 2026 до 2030 година. Во рамките на планот, Кина настојува да поттикне покоординиран регионален развој и дополнително да го прошири отворањето кон светот според високи стандарди.
Новата транспортна артерија има особено значење за југозападниот дел на Кина, кој долго време заостанувал зад побогатиот источен брег и се соочувал со повисоки трошоци за транспорт на стоката до морските пристаништа.
Јагленот, рудата, житото, материјалите за нова енергија и автомобилските делови од овој регион сега можат да користат подиректен пат кон прекуокеанските пазари.
– На краток рок, каналот би можел да ги промени постојните текови на товарниот транспорт, при што дел од товарот би можел да се пренасочи од патниот и железничкиот транспорт кон водниот транспорт, како и од делтата на Бисерната Река кон заливот Бејбу, изјави Менг Шуанг, вонреден професор на Централниот универзитет за финансии и економија.

На подолг рок, според Менг, пониските трошоци за пристап до морето би можеле да создадат нова трговија, да привлечат инвестиции кон внатрешноста на земјата и да го променат индустрискиот развој долж каналот.
Со оглед на тоа што Кина и АСЕАН настојуваат да ги продлабочат економските врски и да ја подобрат регионалната поврзаност, експертите велат дека каналот Пинглу би можел да создаде нов коридор за движење на стоката во двете насоки меѓу огромните кинески пазари и пазарите на АСЕАН.
Трговијата меѓу Кина и АСЕАН минатата година првпат надмина 1 трилион американски долари.
Во првите седум месеци од 2026 година, вкупната трговска размена меѓу двете страни достигна 744,41 милијарди американски долари, што претставува зголемување од 24,7 проценти во однос на истиот период претходната година. Во овој период, трговијата со АСЕАН сочинувала 21,8 проценти од вкупната надворешна трговија на Кина.
Биби Џао, претседателка на Сингапурско-кинески интегрирани развојни проекти (Гуангшји), изјави дека каналот би можел да донесе нови можности за компаниите од двете страни.

Производите од АСЕАН би можеле поефикасно да стигнуваат до западниот дел на Кина, додека стоката произведена таму би можела да стигнува до светските пазари преку регионални центри, како што е Сингапур.
– Новата маршрута не само што ќе ја направи трговијата поефикасна, туку и ќе ја зајакне улогата на Сингапур како регионален центар за претовар и трговија, изјави Џао.
За Бунсуб Паничакарн од Факултетот за логистика и дигитален синџир на снабдување при Универзитетот Наресуан во Тајланд, значењето на каналот оди подалеку од самото скратување на транспортната дистанца.
Според него, клучното значење е во тоа колку каналот може да ги намали логистичките трошоци, варијациите во времето на транспорт и неизвесноста во целиот синџир на снабдување меѓу АСЕАН и југозападна Кина.
https://english.news.cn/20260916/3a25863480ed411f8c00aa1b3ed469e8/c.html












