Карлос Саинц потпиша нов повеќегодишен договор со Вилијамс и потврди дека ќе остане дел од амбициозниот проект на британскиот тим. Шпанецот пристигна во Вилијамс во 2025 година, а со продолжувањето на соработката, составот на екипата за 2027 година е комплетиран, бидејќи Алекс Албон претходно го потврди својот престој.

Саинц минатата сезона стигна до првиот подиум со Вилијамс, завршувајќи трет на трката во Баку, а потоа запиша уште две места на подиумот во спринтот во Остин и на трката во Катар. Иако 2026 година е потешка за тимот, Шпанецот верува дека во фабриката се создаваат услови за голем напредок.

  • Вистински верувам во луѓето што го сочинуваат овој тим, како и во инвестициите и одличната работа што се одвива зад сцената. Имаме сè што ни е потребно за да ги свртиме работите заедно, порача Саинц.

Шефот на Вилијамс, Џејмс Вонс, истакна дека придонесот на искусниот Шпанец не се гледа само на патеката, туку и во работата во фабриката. Така, Вилијамс во својата 50. сезона во Формула 1 ќе влезе со истиот возачки тандем – Карлос Саинц и Алекс Албон, со големи амбиции за враќање кон врвот.

ИЗДВОЕНИ