четврток, август 20, 2026
Дома СВЕТ Неколку високи функционери и лица блиски до Зеленски под истрага

Неколку високи функционери и лица блиски до Зеленски под истрага

0
EPA-EFE/STRINGER

Украинските институции за борба против корупцијата ги проширија своите истраги кон неколку високи функционери и лица блиски до претседателот на земјата, Володимир Зеленски, пишува денеска „Еуроњуз“.

Ова претставува зголемен политички притисок врз раководството на Украина, особено во време кога Киев се обидува да постигне напредок во преговорите за членство во Европската унија.

Во средата, Зеленски ја разреши својата заменичка шефица на кабинетот, Ирина Мудра, истиот ден кога Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) покренаа истрага против група за која тврдат дека е поврзана со перење на околу три милиони евра.

Меѓу осомничените, според НАБУ, се актуелен пратеник во украинскиот парламент, поранешен пратеник, како и раководители на државната банка „Сенс банк“ (Sense Bank).

Истрагата, наречена „Форест Гамп“, произлезе од пошироката операција „Мидас“, која се однесува на наводна корупција во државната компанија за нуклеарна енергија „Енергоатом“.

Истражителите тврдат дека во таа шема, преку посредници, од добавувачите биле изнудувани меѓу 10 и 15 проценти од вредноста на договорите, како и дека преку системот наводно биле испрани околу 85 милиони евра.

Меѓу претходно осомничените се спомнуваат имиња како поранешниот министер за правда и енергетика Герман Галушченко, додека Тимур Миндич, долгогодишен пријател на Зеленски и поранешен деловен партнер во продукциската куќа „Квартал 95“, се спомнува како една од клучните фигури во истрагата.

Миндич ја напуштил Украина во ноември 2025 година и исто така се спомнува во друга истрага, наречена „Династија“, која се однесува на наводно перење на повеќе од 8,8 милиони евра преку проект за луксузни станови во близина на Киев.

Андриј Јермак, поранешен шеф на кабинетот на претседателот и еден од најблиските политички соработници на украинскиот лидер во поголемиот дел од неговиот мандат, е меѓу осомничените во таа истрага. Јермак ги негираше обвинувањата.

Во посебна истрага е опфатен и поранешниот заменик-шеф на претседателскиот кабинет, Ростислав Шурма, кој е осомничен за злоупотреби поврзани со субвенции за обновливи извори на енергија. И тој ја негираше вината.

Зеленски не е осомничен во ниту една од споменатите истраги, но фактот што тие ги опфаќаат неговите поранешни и сегашни соработници, пријатели и поранешни деловни партнери претставува сè поголем политички товар за украинскиот претседател.

 

ИЗДВОЕНИ