Годинава, сезоната на пожари почна невообичаено рано, уште во јуни, со два сериозни пожари на отворено – еден во Велес, а друг во Дојран. На пожарот во Велес беше користен еден „ер трактор“ каде што, за жал, огнот зафати викендички, стари куќи и овоштарници. Oваа сезона, oва е четврто користење на „ер трактор“, откако претходно од воздух се гаснеше во Штип, Велес и Свети Николе.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, најави дека во ДЗС, со договор на дело, ќе бидат ангажирани и најмалку 60 лица како посада на специјалните возила. Ангелов планира ова лето максимално да бидат ангажирани и тимовите за брз одговор составени од пожарникари доброволци

 

Годинава, сезоната на пожари почна невообичаено рано, уште во јуни, за разлика од претходните, кога нивниот ек беше во јули. Високите температури, но и човечкото невнимание си го направија своето.

На самиот крај на јуни бележиме два сериозни пожари на отворено  – еден во Велес, а друг во Дојран. Според последните информации, по речиси целодневна борба, и двата пожари се ставени под контрола, но и понатаму се активни. На пожарот во Велес беше користен еден „ер трактор“ каде што, за жал, огнот зафати викендички, стари куќи и овоштарници.

Oваа сезона oва е четврто користење на „ер трактор“, откако претходно од воздух се гаснеше во Штип, Велес и Свети Николе. Според она што може да се забележи, летово досега на удар од пожарите беше потегот Велес – Свети Николе – Штип каде што имаше десетина сериозни пожари, а во дел од некои гореше и борова шума.

Од дневните извештаи на ЦУК се забележува дека и понатаму критични се пожарите на депониите, во најголем дел диви. Пожарите излегуваат од границите на и се шират без контрола.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, за весникот ВЕЧЕР изјави дека сите расположливи државни ресурси се подготвени за справување со пожарите.

– Првпат по седум години, три „ер трактори“ на Дирекцијата станаа оперативни уште во јуни, уредно сервисирани и со доволен број пилоти. Во моментов, на располагање ни се тројца – наведе Ангелов.

Новите тројца пилоти што се вратија од обука управуваат со трите „ер трактори“. Иако е потребно на секој авион да има по два пилота, сепак, оваа година пожарите ќе се гаснат со тројцата пилоти. Стоје Арсовски, иако е во пензија, изминативе години беше повикуван од Дирекцијата за заштита и спасување да помогне во критичните периоди кога пожари беснееја насекаде низ Македонија. Исто така, и Васко Михалчев влегуваше во пилотската кабина по потреба. Арсовски сега не е ангажиран, но вели дека во секој момент може да биде повикан, како што нагласува  – ако има зорт.

– Со новите пилоти, Дирекцијата сега нема потреба од нас. Јас сум сега дома, додека Васко е ангажиран во ДЗС како одговорен за тренинг и организација на операции – истакна за весникот ВЕЧЕР 66-годишниот Стоје Арсовски, кој во воздухопловство работел 50 години, а во пензија заминал со 40 години работен стаж.

Дирекцијата за заштита и спасување располага со три противпожарни авиони „ер трактор“ AT-802A фајр бос, набавени во 2009 година. Ова се амфибиски авиони кои можат да полетуваат и слетуваат и на писта и на водена површина, при што директно полнат вода од езера или акумулации. Стоје вели дека овие противпожарни авиони полнат вода најмногу до 3 тони (3.028 литри), а тоа зависи од тоа со колку литри гориво е наполнет резервоарот на леталото. Максималната полетна маса на авионот изнесува 7.257 килограми.

Според спецификацијата на ова летало, полнењето на резервоарот од езеро трае приближно 10 – 15 секунди при лизгање по водната површина. Дизајниран е за брзи и повеќекратни интервенции кога пожарот е во близина на водена површина.

– Ако пожарот што треба да се гасне е во Скопскиот Регион или блиску до него, како овој, моменталниот, во околината на Велес, резервоарите на „ер тракторите“ се полнат од 20-тонските цистерни на скопскиот аеродром кои постојано се дополнуваат. Потребни се само 45 секунди да се наполни резервоарот на леталото и да се полета кон гаснење на пожари. Инаку, најблиску за полнење се Тиквешкото и Мантовското Езеро, како и Струмичко Езеро, Калиманци, Дебарско и Мавровско Езеро од акумулациите, а се користи и водата од нашите три природни езеро – Охридско, Дојранско и Преспанско – кажува Стоје Арсовски. 

Покрај „ер тракторите“, на располагање на ДЗС ќе им бидат ставени и еден хеликоптер на АРМ, како и најмалку два од полицијата.

– Покрај леталата, на располагање ни се околу 40 специјални возила (пинцгауери, БТР-80 и хермелини). Во последните две години се набавени повеќе од 30 возила – нагласи Ангелов.

Тој најави дека во ДЗС, со договор на дело, ќе бидат ангажирани и најмалку 60 лица како посада на специјалните возила. Ангелов планира ова лето максимално да бидат ангажирани и тимовите за брз одговор составени од пожарникари доброволци.

Тоа е затоа што, како што кажа тој, иднината на гаснењето на шумските пожари ја гледа и во развој на доброволното пожарникарство.

(С. Бл. – А. П.)

ИЗДВОЕНИ