Употребата на дигиталните канали за плаќање продолжила да расте и во првиот квартал од 2026 година, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Според објавената платежна статистика, бројот на плаќања со платни налози кај граѓаните е зголемен за 10,3 проценти, додека нивната вредност пораснала за 14,6 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Најголем раст е забележан кај електронското плаќање. Во првите три месеци од годинава, бројот на вакви трансакции бил зголемен за 21,9 проценти, а нивната вредност за 23 проценти во однос на првиот квартал од 2025 година.
Од Народната банка посочуваат дека граѓаните најчесто ги користат мобилните апликации за плаќање. Дури 72,8 проценти од електронски иницираните платежни трансакции биле извршени преку мобилни апликации, при што е забележан годишен раст од 25,9 проценти. Ова, според централната банка, покажува дека мобилниот телефон станува доминантен канал за брзо и едноставно плаќање.
Има позитивно движење и кај плаќањето со платежни картички. Бројот на картично плаќање е зголемен за 12,2 проценти, а неговата вредност за 14,5 проценти. Растот најмногу се должи на плаќањето преку Интернет, кое е зголемено за 18,7 проценти, како и на плаќањето на физички продажни места, каде што е регистриран раст од 11,7 проценти.
Народната банка оценува дека ваквите трендови се поврзани и со новите платежни решенија што ги воведуваат банките, со кои граѓаните можат да плаќаат преку мобилните уреди без употреба на физичка картичка.
Дигитализираните картички веќе учествуваат со 17,9 проценти во вкупниот број издадени платежни картички во земјава. Во просек, преку секоја дигитализирана картичка биле направени по четири трансакции со мобилен телефон во земјава.
Податоците, според Народната банка, потврдуваат дека продолжува да напредува дигитализацијата на платежните услуги, а електронското плаќање и платежните картички имаат сè поголемо значење во секојдневните финансиски навики на граѓаните.












