Депонијата кај селото Пчиња во вчеравечер повторно гореше. На терен, со механизација, веднаш излегле екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово. Пожарот бил забележан од стражарската служба.
Со реакција се јавија од еколошката организација „Еко Пчиња“, кои бараат итна реакција и одговорност од надлежните.
– Депонијата кај селото Пчиња повторно гори. Повторно чад. Повторно труење. Ова не е инцидент, ова е системски неуспех. Години наназад истото: дива депонија, токсичен чад и тишина од надлежните. Колку пати треба да се запали за да реагира некој? Колку уште треба да вдишуваме отров? Локалната власт е иста и резултатите се исти. Игнорирање. Неодговорност. Нула акција. Инспекција за животна средина, каде си? Ова е директна закана за здравјето на луѓето. Бараме итна реакција, трајно решение, јавна одговорност. Споделете, нека стигне до сите надлежни – соопштија од „Еко Пчиња“, кои објавија и видео.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово велат дека се работи со механизација.
– Работат машини и камиони, се носи земја и се врши покривање на местата зафатени со пожарот. Во моментов нема видлив пламен, но има чад – вели директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Според него, станува збор за долгогодишен проблем поврзан со присуството на подземни гасови, особено метан, кој може да предизвика самозапалување, особено при одредени временски услови, како ветер од јужен правец.
– Ова е стар, акутен проблем, кој постои со децении. Пожарите на депонијата не можат да се гаснат со вода, туку единствен начин е нанесувањето земја – потенцира Томиќ.
Тој додаде дека е подобрена состојбата, но дека и натаму има чадење на теренот. Екипите продолжуваат со работа и се очекува пожарот целосно да биде ставен под контрола.
Исто така, екипите на подрачната единица на „Македонски шуми“ сè уште се на терен и се обидуваат да го изгасат пожарот што избувна вчера, кај акумулацијата „Глажња“ во Општина Липково, информираа од претпријатието.
Заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, информираше дека пожарот бил пријавен околу пладне во неделата. Веднаш излегле екипи на претпријатието, како и на ТППЕ Куманово.
– Пожарот има зафатено две страни од широк прооден пат, што значи намерно е подметнат на двете страни од патот, инаку нема никаква можност тој да биде префрлен од едната на другата страна природно – изјави Михаилов.
Тој се сомнева дека пожарот е последица на претходната акција на претпријатието за одземање нелегално исечени дрва во регионот, по што се појавиле пожарите. Михаилов вели дека брзата интервенција ќе спречи ширење на пожарот кон повисоките места, каде што нема пристапен пат и во моментов нема сериозни закани да излезе од контрола.
– Мораме да се потрудиме да го ставиме целосно под контрола и долниот делот зафатен со пожарот – рече Михаилов.
Пожарот зафатил ниска деградирана шума.
Од РЦУК Куманово соопштија дека полициската станица Матејче ги информирала за пожарот на ниската дабова шума кај селото Глажња, првично пожарот се движел во три правци: кон Думановце, каде што постоела можност да зафати фарми со крави, кон селото Гошинце и кон селото Брест. Екипите остануваат да го гасат пожарот.












