Станува збор за меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“, кофинансиран во рамките на Програмата LIFE на Европската Унија, преку кој во следните пет години ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови царски орел и египетски мршојадец во Македонија, Турција и во Бугарија. Се планира да се изолираат околу три илјади електрични столба за да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари. Ќе се постават и илјада рефлектирачки уреди – дивертери на надземни далноводи

Македонското еколошко друштво (МЕД) и „ЕВН Македонија“ ќе го спречуваат умирањето на загрозените видови птици – царски орел и египетски мршојадец преку намалување на ризиците од струен удар и судир со постојната енергетска инфраструктура.

Станува збор за меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“, кофинансиран во рамките на Програмата LIFE на Европската Унија, преку кој во следните пет години ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови царски орел и египетски мршојадец во Македонија, Турција и во Бугарија.

Се планира да се изолираат околу три илјади електрични столба за да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари. Ќе се постават и илјада рефлектирачки уреди – дивертери на надземни далноводи.

Македонското еколошко друштво и „ЕВН Македонија“ ќе ги спроведуваат планираните активности на македонска територија, во регионите Овче Поле, Градско, Демир Капија и во Тиквешкиот Регион, кои се клучни за размножувањето, миграцијата и презимувањето на царскиот орел и египетскиот мршојадец во земјата.

– Проектот предвидува воведување нови технологии за поставување изолатори покрај дистрибутивната мрежа, како и научни пристапи за следење на влијанието на овие мерки за заштита, со што ќе се намалат ризиците од смртност за царскиот орел и египетскиот мршојадец, но и за сите други птици покрај миграциските патишта – тврдат од МЕД.

Оттаму информираат дека соработката со „ЕВН Македонија“ започнала уште во 2010 година, кога идентификувале далноводи на кои требало да се постават гнездечки платформи за белиот штрк.

– По тоа следуваше поставувањето на десетина куќарки за гнездење на модровраната во Централна и во Источна Македонија и на 200 изолатори на опасни далноводи за птици во Овче Поле. Со овој проект сега, всушност, ја продлабочуваме соработката, првпат во улога на полноправни партнери – потенцираат од МЕД.

Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што електрокуцијата и колизијата се меѓу главните причини за смртност на избраните целни птици, се предвидува дека на овој начин ќе се намали ризикот за смртност од струен удар за 70 до 90 %, а оној од судир со инфраструктурата за 50 до 70 %.

–  Ова, пак, потенцијално ќе доведе до зголемување на гнездечката популација на царскиот орел на долг рок и до подобрување на гнездечкиот успех на националната популација на египетскиот мршојадец – заклучија од МЕД.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ