петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Претседателката со порака: Вежбајте ги телото и умот

Претседателката со порака: Вежбајте ги телото и умот

366

Околу 150 деца од предучилишна возраст, од основно и од средно образование, вчера, со спортски активности беа дел од настан што се одржа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како дел  од заложбата за развој и примена на национален модел за промоција на физичка активност и здрави навики кај децата.

Претседателката Сиљановска-Давкова им порача на децата да се движат, да вежбаат, да јадат здрава храна, да ја одржуваат хигиената. Им укажа на придобивките од физичката активност и од правилната исхрана. Посочи дека за време на нејзиното детство, физичкото образование бил многу важен предмет и оти со нетрпение се чекале тие часови, а денес како што рече, како да не е доволно застапено.

– Вежбајте ги телото и умот. Ако не го употребувате умот, ќе згасне. Ако не го вежбате телото, ќе се деформира. Ако ги вежбате двете, тогаш резултатот ќе биде видлив. Од деца да се учите да спортувате, да ја чувате природата, да вежбате, здрава храна да употребувате, конзервираните нешта да ги заборавите, оти што поубаво изгледаат, мирисаат, толку поштетни се – нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа укажа на тоа дека кога се движиме, не само што топиме калории туку тоа е здраво и за нашето тело и за умот кој работи подобро кога се движиме.

– Нашиот народ опстојувал низ историјата заради евтината здрава храна, најчесто овошје и зеленчук, а јаделе месо кога треба, во зима – рече претседателката и истакна дека физичкото образование е еден од најважните предмети и се усовршува во сите можни правци на Факултетот за физичко образование, култура и здравје.

Целта на иницијативата во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, поддржана од претседателката Сиљановска-Давкова, е да развие, имплементира и да евалуира национален модел за промоција на физичка активност, здрави навики и ментално здравје кај децата од 6 до 14 години, врз основа на постојните национални податоци за физичкиот фитнес и нутритивниот статус.

 

ИЗДВОЕНИ