Подната фонтана на Градскиот плоштад конечно се поправа. Тоа може да се забележи по присуството на работници каде што е фонтаната и по градежните активности што се изведуваат.
Дека фонтаната конечно се враќа во функција објави и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
– Фонтаната која некогаш мамеше погледи од скопјани, гости и туристи и која беше едно од најпрепознатливите белези на центарот на градот, по повеќе од една деценија заборав, негрижа и пропаѓање, конечно се враќа во функција. Ова веќе нема да биде простор по кој ќе минуваат автомобили и тешки товарни возила. Ова нема да биде запуштено место оставено на забот на времето. Ова повторно ќе биде место за прошетка, за фотографија, за убавина, за гордост. Место што ќе го разубавува плоштадот и ќе го претставува Скопје онака како што заслужува – достоинствено, модерно и препознатливо – напиша првиот човек на градот.
Тој најави дека фонтаната повторно ќе заживее само за неколку дена.
Притоа, потсети дека во изминатиот период се вратени во функција и фонтаните: „Лотосов цвет“, со децении заборавена фонтана, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, „Паднати борци“, плоштадот „ВМРО“, а повторно засвети и Вечниот оган.
(А. П.) Фото: (Ѕ. П.)












