Со грант од еден милион евра од Светската банка почнува процесот на реформирање и модернизација на „МЖ-Транспорт“. Средствата се наменети за преструктурирање на претпријатието, додека паралелно се најавува набавка на нови патнички возови и најмалку пет електрични локомотиви. Владата очекува инвестициите да придонесат за поголема ефикасност на железничкиот сообраќај и пораст на товарниот и патничкиот превоз. Во тек се и капитални проекти за изградба на нови железнички линии и модернизација на инфраструктурата како дел од поширокиот план за развој на железницата

Државната компанија „Македонски Железници – Транспорт“ ќе добие грант од еден милион евра од Светската банка, средства кои ќе бидат искористени за преструктурирање на претпријатието и негова трансформација во функционален и одржлив железнички оператор. Договорот вчера во Влада го потпишаа министерот за транспорт, Александар Николоски и директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.

Од ресорното министерство посочија дека ова претставува почеток на поширок процес на модернизација на железничкиот сектор. Николоски  најави дека паралелно со реформите ќе следува и обновување на возниот парк, преку набавка на нови патнички возови и најмалку пет електрични локомотиви, кои треба да го зголемат капацитетот, особено во товарниот железнички сообраќај.

– Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Карго сообраќајот бележи сериозен пораст, има пораст на бројот на патници, инвестиции во нови пруги. Оваа година има позитивни бројки во првите четири месеци и раст и во бројот на превезени патници и раст на карго сообраќајот – истакна Николоски.

Тој оцени дека позитивните резултати веќе се видливи. Во првите четири месеци од годинава е регистриран раст и на бројот на превезени патници и на карго-сообраќајот, што, како што оцени, е показател дека реформите почнуваат да даваат ефект.

Директорот на „МЖ-Транспорт“, Дејан Кошутиќ, истакна дека овој грант претставува значајна поддршка за процесот на стабилизација, модернизација и институционално зајакнување на ова железничко транспортно претпријатие.

– Фокусот е кон подобрување на управувањето, финансиската одржливост, бизнис-сегментацијата, јавната услуга во патничкиот превоз и реформските активности предвидени во Акцискиот план 2026 – 2027. За „ЖРСМ-Транспорт“ ова е важен чекор во насока на враќање на довербата кај меѓународните финансиски институции и обезбедување конкретна поддршка за долгорочна трансформација на компанијата. Продолжуваме со јасни приоритети, институционална дисциплина и партнерски пристап во спроведувањето на реформите во железничкиот сектор – истакна Кошутиќ.

Министерот Николоски потсети и дека паралелно продолжуваат и капиталните инвестиции во железничката инфраструктура. Во завршна фаза е изградбата на првата линија од проектот „Градски воз“, додека годинава се очекува да биде распишан тендер за втората линија од Илинден до Новата железничка станица, како и за третата линија од Ѓорче Петров до Новата железничка станица. Плановите се сите линии да бидат завршени до крајот на 2027 или во првата половина на 2028 година.

– Во тек се и активностите за изградба на железничкиот Коридор 8. Првата делница кон Бугарија веќе е пуштена во употреба, на втората активно се работи, а во тек е постапката за избор на изведувач за третата делница. Истовремено, се подготвуваат и проектите за западното крило на Коридорот 8, со железничко поврзување на релација Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, а потоа кон Кичево, Охрид, Струга и Албанија – потенцира Николоски.

Од Министерството за транспорт оценуваат дека со поддршката од Светската банка, европските фондови и инвестициите во нова инфраструктура и возен парк, железницата треба да стане еден од клучните двигатели на транспортниот и економскиот развој на државата.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ