Со дополнетиот ребаланс се обезбедуваат нови средства за земјоделските субвенции, социјалната заштита, здравството, образованието и капиталните инвестиции. Предвидена е и финансиска поддршка за земјоделките, отворање СОС-линија и два нови центри за жртвите на семејно и родово базирано насилство, а документот сега оди на конечно усвојување во Собранието

 

Владата го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот за 2026 година откако претходно беа прифатени амандманите на комисиската расправа. Со новите измени се обезбедуваат дополнителни средства за повеќе важни области, а меѓу нив се издвојуваат поддршката за жените што се занимаваат со земјоделство и помошта за жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Со ребалансот се предвидени пари за воспоставување национална СОС-линија, како и за отворање два нови згрижувачки центри каде што ќе може да добијат заштита и поддршка жртвите на насилство. Дополнетиот ребаланс, во кој се вградени сите прифатени амандмани, сега оди во Собранието, каде што пратениците ќе треба да го дадат последниот збор.

Според Министерството за финансии, вкупните приходи во буџетот се планирани на 379,5 милијарди денари, додека расходите ќе изнесуваат 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства ќе бидат насочени таму каде што, како што велат од Владата, има најголема потреба.

Повеќе пари ќе има и за земјоделските субвенции, железничкиот сообраќај, спортот, како и за подобрување на условите за студентите и за учениците. Дополнителна финансиска поддршка е предвидена и за најранливите категории граѓани преку социјални надоместоци, народни кујни, заштитни друштва и мерки за деинституционализација, а повеќе средства ќе добие и здравството.

Во ребалансот е предвидено и зголемување на капиталните инвестиции, кои ќе достигнат околу 46 милијарди денари, што е за 14,5 проценти повеќе во споредба со првично планираниот буџет. Во исто време, Владата планира да ги намали трошоците за стоки и услуги.

Буџетскиот дефицит останува проектиран на 46,3 милијарди денари или 4,1 процент од бруто-домашниот производ, додека економскиот раст за 2026 година е проектиран на 3,5 проценти.

 

ИЗДВОЕНИ