четврток, јуни 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПОВЕЌЕ МОЌ ЗА ОБВИНИТЕЛИТЕ, ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ЗА ЖРТВИТЕ И ПОСИЛЕН УДАР ВРЗ...

ПОВЕЌЕ МОЌ ЗА ОБВИНИТЕЛИТЕ, ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ЗА ЖРТВИТЕ И ПОСИЛЕН УДАР ВРЗ КРИМИНАЛНИОТ ИМОТ

Правда го објави новиот Закон за кривична постапка

0

Новиот закон е објавен на ЕНЕР системот и за него учесниците во кривичните постапки и стручната јавност ќе можат да се остават коментари и забелешки

Најголемата промена во предлог законот за кривична постапка е воведувањето на финансиската истрага со која ќе раководат обвинителите насочени кон откривање на непосредната и посредната имотна корист стекната со криминал. Финансиската истрага ќе може да се води паралелно со кривичната постапка, па дури и во ситуации кога поради правни или фактички пречки не може да продолжи. Со други зборови, државата повеќе нема да биде заинтересирана само да докаже вина, туку и да утврди што се случило со парите, становите, возилата, компаниите и друг имот што можеби се стекнати со криминал.

Ова е важно бидејќи во многу случаи во кои постапките траеја со години, осомничените успеваа да го префрлат или сокријат својот имот. Токму затоа еден од аргументите за носење на новиот ЗКП е и малата конфискацијата во однос на големиот криминал и корупција процеси што со години се влечат пред судовите. Иако во јавноста често се соопштуваат милионски суми на замрзнат или привремено одземен имот, многу помал дел од него завршува како правосилно конфискуван и претворен во приход за државата. Според податоците на Агенцијата за управување со одземен имот, во петмесечен период во 2023 година во Буџетот биле префрлени околу 650 илјади евра од конфискувани средства и продажба на одземен имот.

Новиот закон предвидува, јавниот обвинител, не само што ќе ја води предистражната постапка, туку ќе има и значително пошироки овластувања во однос на финансиските истраги, привременото обезбедување на имот и координацијата на правосудната полиција.  

Досега во јавноста често се зборуваше дека обвинителите зависат од истрагите што ги води полицијата. Со новиот закон, обвинителството добива поголема контрола врз истражните активности и можност директно да раководи со тимови кои работат на прибирање докази. Практично, се прави обид истрагата да биде повеќе во рацете на обвинителот отколку на полицијата.

Предлагачот- министерството за правда оценува дека новиот ЗКП ќе претставува значаен исчекор кон модернизација на правосудниот систем. Оттаму посочуваат дека законот носи подобрени решенија за конфискација, финансиски истраги, електронски докази и одржување рочишта на далечина, како и поголема заштита на правата на жртвите. 

„Со предложените решенија се создава основа за поефикасна, потранспарентна и помодерна кривична постапка, усогласена со европските стандарди и потребите на современиот правосуден систем“, наведуваат од Министерството. Сепак, останувапрашањето дали обвинителствата и судовите ќе располагаат со доволно кадар, опрема и финансиски средства за целосно спроведување на амбициозните законски решенија.

ГОЛЕМИ НАДЛЕЖНОСТИ, МАЛ БУЏЕТ

Последните извештаи на Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство и меѓународните организации со години укажуваат на недостиг од обвинители, истражители, административен кадар и финансиски средства. Македонското обвинителство традиционално работи со буџет кој е значително понизок од препораките на Европската унија. Дел од обвинителствата се соочуваат со недостаток на стручни соработници, информатичка опрема, возила и просторни услови. Токму затоа дел од правните експерти предупредуваат дека вистинскиот предизвик нема да биде донесувањето на законот, туку неговата примена бидејќи финансиските истраги се меѓу најсложените и најскапите постапки. Бараат обучени истражители, форензичари, финансиски аналитичари и современи дигитални алатки. Без дополнителни инвестиции, постои ризик новите законски решенија да останат амбициозни цели на хартија, велат правните експерти.

Дарко Аврамовски од Сите за правично судење, организација која ги следи големите судски процеси, вели дека Предлог-законот за кривичната постапка несомнено претставува амбициозен обид да се надминат дел од дилемите и практичните проблеми што се појавија при примената на постојниот Закон за кривичната постапка. Меѓутоа, самиот закон не е доволен за да ги постигне посакуваните резултати. 

Дарко Аврамовски, Сите за правично судење

„Неговата успешна примена ќе зависи од тоа дали јавното обвинителство, судовите и другите институции ќе располагаат со доволно човечки, финансиски и технички ресурси. Без соодветно зајакнување на институционалните капацитети, реално е да се очекуваат значителни потешкотии во имплементацијата.

Истовремено, иако е позитивно што новиот текст настојува да обезбеди поголема правна сигурност преку детално уредување на постапките, останува дилемата дали на одредени места не се отишло предалеку. Наместо да поставува јасни процесни правила, законот во значителен дел се претвора во техничко упатство за постапување. Таквиот пристап може да реши дел од сегашните дилеми, но истовремено создава ризик од нови проблеми во практиката, бидејќи секоја ситуација што нема експлицитно да биде регулирана ќе отвора нови прашања за толкување, а честите измени на законот ќе станат речиси неизбежни, објаснува Аврамовски за весникот Вечер.

ПОТЕШКО ДО ПРЕСУДА БЕЗ ЦВРСТИ ДОКАЗИ  И ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ЗА ЖРТВИТЕ

Предлог-законот носи и поинаков пристап кон жртвите на кривични дела. Се проширува нивната законска дефиниција, а посебен акцент се става на децата и ранливите категории граѓани. 

Освен лицето кое директно претрпело штета, во одредени случаи како жртви ќе можат да се третираат и членови на семејството, особено кога последица на делото е смрт. Посебно внимание се посветува на децата жртви и на ранливите категории граѓани. За нив се предвидуваат дополнителни механизми за заштита и поддршка во текот на постапката.

Важни новини е воведувањето на појасен стандард за докажување на вината. Судот ќе треба да биде уверен „надвор од разумно сомневање“ дека обвинетиот го сторил делото. Тоа значи дека осудителна пресуда не би смеела да се темели на претпоставки, туку на докази кои водат кон еден логичен заклучок. Оваа промена е важна и за заштитата на човековите права и за усогласувањето со европската судска практика. Така, дополнителен притисок за усогласување на новиот Закон за кривична постапка со европските стандарди претставуваат и пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Иако Македонија не е меѓу државите со највисоки отштети, секоја година од буџетот се издвојуваат десетици и стотици илјади евра за обесштетување поради повреди на човековите права, незаконски притвори, предолги судски постапки и други пропусти на институциите. Токму затоа Министерството за правда нагласува дека новиот ЗКП е усогласен со праксата на Судот во Стразбур и со 18 директиви на Европската Унија, со цел да се намалат идните повреди на правата и финансиските последици што паѓаат на товар на државниот буџет.

Освен пресудите од Стразбур, државата плаќа и значителни суми за домашни постапки поради неразумно долго траење на судењата, незаконско лишување од слобода и погрешни осуди. Според податоци на Советот на Европа, само по тие основи биле исплатени околу 141.000 евра во 2019 година, 332.000 евра во 2020 година, 153.000 евра во 2021 година, 93.000 евра во 2022 година и над 54.000 евра во 2024 година.

За дел од полесните кривични дела се предвидува можност обвинителот да не покрене постапка ако сторителот ја надомести штетата, се лекува од зависност, посетува психосоцијална терапија или изврши општокорисна работа. Идејата е државата да не троши време и ресурси на долги постапки кога штетата може да биде поправена на друг начин. За првпат законот јасно дефинира што е „сложен предмет“. Тоа се случаи со повеќе обвинети, голем број докази, меѓународни истраги или тешки кривични дела. Со ова се отвора можност ваквите предмети да добијат поинаква организација и рокови за постапување. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ