недела, септември 27, 2026
Дома МАГАЗИН Платени да седат и да не работат ништо: Јапонскиот модел на вработување...

Платени да седат и да не работат ништо: Јапонскиот модел на вработување го збунува светот

0

Додека големите компании ширум Америка и Европа ги враќаат вработените на петдневна работна недела во канцелариите и масовно делат откази со цел заштеда и примена на вештачката интелигенција (ВИ), во Јапонија владее целосно поинаков деловен модел.

Јапонските компании им плаќаат на илјадници постари работници редовно да доаѓаат на работа, да седат до прозорецот и речиси ништо да не работат, пишува деловниот весник „Fortune“.

Се работи за феномен познат како „работници покрај прозорецот“ (madogiwazoku). Овој израз се однесува на постарите вработени, најчесто мажи во доцните 50-ти и 60-ти години, од генерацијата на бејби бумерите и Генерацијата X, кои се вработени во рамките на традиционалниот јапонски систем на доживотно вработување и плати засновани на стаж.

Наместо да раководат со тимови или да договараат зделки, тие го поминуваат работниот ден одговарајќи на по некој е-маил, прелистувајќи документи, сурфајќи на интернет или гледајќи во празно, задржувајќи ги високите плати, но без никаква вистинска одговорност.

Со измените на Законот за стабилизација на вработувањето на постарите лица и со различни државни субвенции, Владата на Јапонија ги поттикнува компаниите да им обезбедат работни места на вработените сè до нивната 70-та година од животот.

Резултатот од тоа е што Јапонија денес има една од највисоките стапки на вработеност на постари лица во развиениот свет – во 2022 година повеќе од четвртина од луѓето постари од 65 години сè уште биле работно ангажирани. Анкетите покажуваат дека 80 проценти од јапонските работници сакаат да продолжат да работат и по заминувањето во пензија, при што 70 проценти од нив претпочитаат да останат кај истиот работодавач.

Сепак, овој систем предизвикува сè поголемо незадоволство кај помладите генерации. Со истражувањето на консултантската куќа „Shikigaku“, спроведено меѓу 300 работници на возраст од 20 до 39 години, утврдено е дека речиси половина од испитаниците (49,2 проценти) во својата компанија имаат „постар колега кој не работи ништо“.

Дури 90 проценти од помладите работници сметаат дека таквите колеги негативно влијаат врз работната атмосфера, наведувајќи дека тие им го рушат работниот морал (59,7 проценти), им го зголемуваат обимот на работа на останатите вработени (49 проценти) и создаваат непотребни трошоци за компанијата (35,3 проценти).

И покрај критиките од помладите работници, јапонските работодавачи во овој модел гледаат и значајни предности. Со преместување, наместо отпуштање на помалку прилагодливите работници, компаниите го чуваат чувството на психолошка сигурност кај вработените и го намалуваат стравот од ненадејна загуба на егзистенцијата, додека истовремено задржуваат децении искуство кое може да послужи за обука и менторство на новите кадри, пишува „Fortune“.

ИЗДВОЕНИ