недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Масакри и страотна сообраќајка однесоа 38 животи: Јужна Африка во шок по...

Масакри и страотна сообраќајка однесоа 38 животи: Јужна Африка во шок по крвавата ноќ/ВИДЕО

0
EPA/STRINGER

Најмалку 38 лица загинаа во неколку одделни трагедии што во размак од неколку часа ја потресоа Јужна Африка. Во две масовни пукања беа убиени вкупно 27 лица, додека уште 11 лица го загубија животот во директен судир меѓу минибус и камион.

Најкрвавиот напад се случи во Ведела, југозападно од Јоханесбург, каде што во пукање во еден угостителски објект беа убиени 17 лица, меѓу кои 13 мажи и четири жени. Уште 15 лица беа ранети и пренесени во болници.

Според наводите на јужноафриканската полиција, осуммина вооружени мажи пристигнале до локалот во саботата околу 21:30 часот по локално време. Напаѓачите, кои според првичните информации биле вооружени со автоматски пушки АК-47 и пиштоли, најпрво отвориле оган врз луѓето кои пиеле пред локалот, а потоа влегле внатре и продолжиле да пукаат кон гостите.

Тие не застанале тука. Полицијата наведува дека на дел од гостите им ги претресле работите и им ги одзеле мобилните телефони, по што побегнале со две возила. За време на нападот биле запалени и два автомобила.

Полицијата започна голема потрага по осомничените, а засега никој не е уапсен. Мотивот за масакрот сè уште не е познат.

Речиси истовремено, Јужна Африка ја потресе уште едно масовно пукање.

Во Лвандле, во провинцијата Западен Кејп, десет лица беа убиени, а уште 11 ранети откако вооружени напаѓачи отворија оган во угостителски објект во раните утрински часови.

Пет жртви починаа на самото место на нападот, додека уште пет лица подоцна им подлегнаа на повредите во болниците.
Полицијата и во овој случај започна потрага по напаѓачите. Мотивот за пукањето сè уште не е утврден, а осомничените не се уапсени.

Крвавиот биланс дополнително го зголеми тешка сообраќајна несреќа на автопатот Н2 кај Мтубатуба, во северниот дел на провинцијата Квазулу-Натал.

Минибус „Тојота Квантум“ и камион директно се судриле околу четири часот наутро. Минибусот се движел кон север, додека камионот одел во спротивна насока.

Во судирот загинаа 11 лица, додека уште осум лица задобија критични повреди, вклучувајќи и изгореници. Патот Н2 по несреќата беше затворен за сообраќај.

Причините за судирот сè уште се утврдуваат.

Така, во само неколку одделни настани Јужна Африка остана без најмалку 38 животи, додека повеќе десетици луѓе беа ранети. Полицијата истовремено трага по сторителите на двете масовни пукања.

ИЗДВОЕНИ