Уставниот суд оцени дека разликата во третманот меѓу пензионерите не претставува дискриминација, туку произлегува од начинот на исплата на пензијата. Според образложението, законодавецот има уставна слобода да ги насочува мерките од социјалната политика според економските услови и целната група. Судот нагласи дека со оспорените измени не се укинува правото на пензија, ниту се ограничува неговото остварување. Затоа не се најде основ за поведување постапка за оценување на уставноста
Уставниот суд, на денешната седница, ја отфрли иницијативата со која се оспоруваа измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Подносителот Илија Ивановски сметаше дека е дискриминиран бидејќи живее во Србија, тврдејќи дека со законските одредби „му се ограничува правото врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно гарантираните права“.
Судот на 25 февруари 2025 година, исто така за овој закон, одлучи да не поведе постапка. Од Уставниот суд коментираат дека и сега, на вчерашната седница, е отфрлена иницијативата поради тоа што е работа за која има пресуда.
Во образложението на одлуката од февруари Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Законот („Сл. весник РСМ“ бр. 75/2025), затоа што оцени дека оспорените одредби не воведуваат уставно забранета дискриминација, бидејќи разликувањето меѓу пензионерите не е засновано на лични својства (пол, националност, социјално потекло итн.), туку на функционален критериум – местото на исплата на пензијата.
Според Судот, законодавецот има уставно дозволена слобода да уреди мерки од социјалната политика, па условот зголемувањето да се однесува само на пензиите што се исплаќаат во државата претставува легитимна и објективна основа, поврзана со насочувањето на мерката кон корисниците чии приходи се директно врзани за домашните економски услови.
Судот дополнително наведе дека мерката е интервентна и временски ограничена, не го укинува, ниту ограничува правото на пензија, не влијае на слободата на движење или изборот на живеалиште и претставува дел од социјалната политика во рамките на уставниот концепт на „социјална држава“.
Поради тоа, Судот заклучи дека не постои очигледна неразумност или повреда на членот 9 од Уставот (еднаквост пред закон), ниту на другите наведени уставни одредби, па не се исполнети условите за поведување постапка.
На денешната седница, Судот донесе повеќе одлуки поврзани со иницијативите за оценување на уставноста на неколку закони и подзаконски акти. Меѓу другите одлуки, Судот одлучи да поведе постапка за Законот за заштита на децата, конкретно за делот што предвидува еднократна помош само за децата родени на територијата на државата. Подносителот Кирил Михајлоски тврди дека со ова се дискриминираат децата на македонските државјани што се родени во странство.
– Местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту, пак, може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита – се наведува во оваа иницијатива.
Судот, исто така, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од уредбата за престанување на важење на прописите од проектот „Регулаторна гилотина“. Од друга страна, не беа прифатени иницијативите за оценување на Правилникот за имунопрофилакса, како и за Статутот на Институтот на сметководители донесен во ноември 2024 година.
На крајот од седницата, од дневниот ред беа повлечени точките што се однесуваа на измените на Законот за градење, со цел дополнително да се разгледаат сите околности.
(С. Бл.)












