Во земјава функционираат над 5.500 сметководители, но професијата сè поизразено се соочува со два клучни предизвици: забрзаната дигитализација и недостигот на млад кадар. Ова беше истакнато на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, организирана од Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС).

Од Институтот велат дека сметководствената дејност е меѓу најпогодените од дигиталната трансформација, која станува неизбежен дел од секојдневното работење. Претседателката на Институтот, Весна Прентоска, порача дека дигиталниот бизнис подразбира и целосна адаптација на сметководството.

– Мора да бидеме партнери со дигиталните алатки, да ја применуваме дигитализацијата и да ја искористиме најдобро што можеме. Предизвик е да им овозможиме на членовите да знаат какви алатки имаат на располагање, да ја зголемат продуктивноста и да му бидат подобар партнер на стопанството – изјави Прентоска.

Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, сметководителите имаат централна улога во дигиталната трансформација, бидејќи најдобро ги познаваат административните процеси и местата каде што постои потреба од нивно поедноставување. Тој нагласи дека дигитализацијата за бизнисите значи побрзи постапки, помали трошоци и помалку административни бариери.

– Бизнисот не треба да биде курир помеѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите – истакна Андоновски во своето обраќање.

Министерот посочи дека платформата за интероперабилност овозможува поврзување на државните институции и размена на податоци согласно со законските рамки и заштита на информациите. Тој информираше дека на оваа платформа е забележан раст од околу 120 проценти на бројот на трансакции, што укажува на сè поширока примена на дигиталните решенија во администрацијата.

– Секое намалување на административниот товар директно им ја олеснува работата на сметководителите и на компаниите – додаде Андоновски.

Од Институтот истовремено посочија дека професијата се соочува и со предизвикот за подмладување. Иако е зголемен интересот на факултетите со катедри за сметководство и ревизија, недостигот на кадар останува проблем.

– Почнавме проекти за зголемување на атрактивноста на професијата кај средношколците и студентите. Резултатите ќе се видат за пет до шест години, но охрабрува фактот што има зголемен интерес за студиите – изјави Прентоска.

Во рамките на конференцијата беше потпишан меморандум за соработка помеѓу ИСОС и Стопанската комора, со кој се воспоставува рамка за долгорочна и систематска соработка меѓу двете организации. Документот треба да придонесе за натамошно унапредување на квалитетот и транспарентноста на финансиското известување и за поддршка на компаниите во примената на домашната и меѓународната регулатива во оваа област, како и за зајакнување на врските помеѓу сметководствената професија и бизнис-заедницата, со крајна цел подобрување на деловната клима и зголемување на довербата на инвеститорите.

ИЗДВОЕНИ