Фудбалот често носи приказни што ги надминуваат головите и победите, а малкумина на ова Светско првенство имаат помоќна животна приказна од онаа на младиот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, Јан Диоманде.
Талентираниот фудбалер, за кого се очекува летово да биде дел од еден од најголемите трансфери во светскиот фудбал, настапува на Мундијалот со огромна болка во срцето. Неговата помлада сестра, Роксана, трагично починала на само 15-годишна возраст, откако, според семејството, била отруена на забава само неколку недели по неговиот потпис за Леганес.
По победата над Еквадор, Диоманде повторно го привлече вниманието на јавноста, но не само поради фудбалот. Во емотивно писмо објавено за „Players’ Tribune“, тој ѝ се обрати на својата сестра и откри детали од детството исполнето со сиромаштија, глад и борба за подобар живот.
- Не знаевме што значат богатство и сиромаштија. Знаевме само што е среќа – напиша Диоманде, присетувајќи се на деновите кога живееле со семејството во преполна куќа во Абиџан и кога сонувал за фудбалска кариера, гледајќи натпревари доцна навечер.
Најболниот дел од писмото е моментот кога дознал за смртта на својата сестра.
- Некој ми се јави од татковината и само ми рече: „Твојата сестра ја нема“. Имаше само 15 години. Никогаш не добив одговори. Не знам ни дали сакам да знам зошто – напиша тој.
Диоманде признава дека по трагедијата чувствувал огромна празнина, но одлучил болката да ја претвори во мотивација.
- Сè што правам на теренот, го правам за тебе. Ќе се погрижам целиот свет да го знае твоето име – ѝ порача на Роксана.
Особено емотивни се и неговите зборови за Светското првенство.
- Утре ќе играм на Светското првенство за Брегот на Слоновата Коска. Не го гледам тоа како натпревар. Тоа е моја сцена, моја шанса да му покажам на светот што виде ти во мене – пишува Диоманде.
Во писмото тој открива дека сестра му уште од мали нозе верувала дека еден ден ќе стане подобар и од оној што му бил идол – Кристијано Роналдо.
- Ќе ти докажам дека беше во право. Или ќе умрам обидувајќи се – напиша Диоманде.
Додека навивачите го следат неговиот пат на Светското првенство, за него секој натпревар има многу поголемо значење од фудбалот. Тој игра за сон, за семејството и за сестрата што никогаш не престанала да верува во него.











