Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но може да има одредени предизвици на економски план, во однос на цената на нафтата, оцени премиерот Христијан Мицкоски. Сличен е ставот и на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој смета дека постои ризик цените во земјава да се зголемат, но Владата има механизми соодветно да реагира.
– Безбедносната состојба е мирна и стабилна, не постои ризик за земјава. Имавме Совет за безбедност, направивме анализа врз основа на информациите што ги добивме, безбедносната состојба е стабилна. Можеби, со текот на времето, ќе имаме одредени економски предизвици, односно притисок врз цената на енергентите, на нафтата и на гасот, повеќе на нафтата. Можно е да има зголемување на цените, но во разговор со Министерството за финансии ќе реагираме, можеби со намалување на акцизите, за да го намалиме ударот врз стандардот на граѓаните, изјави Мицкоски.
Постои ризик цените во земјава да се зголемат, но Владата секојдневно ја следи состојбата на Блискиот Исток и ќе реагираме ако има последици, изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши. Според него, меѓународните анализи покажуваат дека цените сè уште се стабилни.
– Постои ваков ризик од зголемување на цените. Секојдневно ја надгледуваме ситуацијата. Ние, како Министерство за економија и труд, работиме во насока да имаме стабилен пазар, да ги заштитиме правата на работниците, да го помагаме стопанството, а во делот на Владата, ако се случува да предизвикува вакви ризици, ќе бидеме таму, транспарентно ќе донесеме одлуки, порача Бесар Дурмиши.
Владата очекува конфликтот на Блискиот Исток да заврши брзо и се надева дека не нè чека уште една криза и инфлаторен шок. Министерката за финансии, Кочоска, вчера изјави дека доколку другите министерства побараат, Владата ќе одлучува дали ќе се прогласи кризна состојба.
– Ситуацијата се следи на дневна основа. Ќе видиме каква ќе биде состојбата понатаму. Знаете дека и во самите закони има предвидено во кои услови и кога може да има одредени промени. Така што, ќе видиме како ќе се одвива состојбата, соодветно на тоа ќе реагираме“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска.
Од Министерството за енергетика тврдат дека во случај да дојде до недостаток во снабдувањето, домашните нафтени резерви се стабилни и ќе се користат со владина одлука за прогласување енергетска криза.
Во случај на прогласување кризна состојба, на Владата ѝ стојат на располагање повеќе механизми. Агенцијата за нафтени резерви има законска обврска да обезбеди количества за непречено работење на економијата за 60 до 90 дена. Министерството за финансии може да ја намали акцизата за горивата до 4 денари или ДДВ за увоз на енергенти од 18 на 10 отсто. А можат да се носат и мерки како за заштита на граѓаните од високите цени, така и за погодените бизниси.












