четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Малолетниците бегаа во тоалетите кога полицијата влезе во дискотеката

Малолетниците бегаа во тоалетите кога полицијата влезе во дискотеката

Потресни сведоштва на преживеани на судењето за „Пулс“

1324

Судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 65 луѓе, а преку 200 беа повредени, продолжи со сведоци на Обвинителството. Пред судот сведочеше 21-годишната Мартина Ристевска, која кобната ноќ била во дискотеката со две другарки. Таа раскажа дека во „Пулс“ пристигнале околу 2:15 часот, купиле билети и влегле во клубот, каде што веќе ги чекало нивното друштво. Таа кажа дека не го забележала самиот момент кога избувнал пожарот, бидејќи во тој момент ги снимала пејачите од бендот ДНК.

– Го слушнав пејачот како кажува дека плафонот гори и дека треба да излеземе, па потоа пак ќе се вратиме – раскажа младата девојка, по што настанала огромна гужва и паника. Настана голема гужва. Не се ни сеќавам како стигнав до вратата. Надвор беа Лазо и Столе и ми подадоа рака. Имаше многу луѓе паднати врз мене, ме извлекоа, па извлекуваа и други – рече Ристевска. Откако излегла од дискотеката, се нашла со двете другарки, кои исто така успеале да се спасат. останале пред клубот и почнале да им помагаат на повредените. Посебно ја истакна улогата на луѓето од обезбедувањето, кои, според неа, спасувале луѓе и покрај тоа што и самите биле во многу лоша состојба. – Видов дека повраќаат црно, ама ставаа маица преку устата и носот и пак одеа да извлекуваат луѓе. А навистина беа во многу лоша состојба – сведочеше девојката. – Го жртвуваа своето здравје за да спасат што повеќе животи. Засекогаш сум им благодарна. Без нивната акција ќе имаше многу повеќе жртви – рече Ристевска. Во текот на сведочењето, таа кажа дека на мобилниот телефон има видео на кое случајно се гледа почетокот на пожарот. – Јас ја снимав песната за да ја ставам на „Инстаграм“. Дури следниот ден, кога го гледав видеото, го забележав почетокот на пожарот – рече таа. На снимката, како што објасни, се гледа мал жар на плафонот, кој се појавил над една од прскалките поставени на бината. – Имаше три прскалки на бината. Мислам дека почна да гори над последната прскалка од левата страна, гледано од влезот – рече Ристевска.

Нови вознемирувачки детали за ноќта на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ кажа и сведокот Христијан Китанов, кој и самиот бил повреден во пожарот. Момчето сведочеше дека речиси секој викенд одел во „Пулс“, а таму влегувал и кога бил малолетен, без никој да му побара лична карта. Кобната вечер, во дискотеката дошол со пријател, околу половина час по полноќ. Во моментот кога се активирале пиротехничките прскалки, тој се наоѓал покрај еден столб, па немал директен поглед кон бината. – На видеата што ги доставив до Обвинителството се гледа моментот кога почнуваат прскалките. Не го видов моментот кога се запали, но слушнав некој како викна „се запали“, а потоа и вресоци. Погледнав кон плафонот и видов мал оган. Мислев дека ќе го изгаснат со апарат и дека забавата ќе продолжи, но за една минута целиот плафон беше во оган – сведочеше Китанов. Според него, пожарот избувнал околу 2:34 часот и за кратко време дискотеката се исполнила со густ чад и со неподнослива топлина. Кога се упатил кон излезот, се нашол во метеж од луѓе кои панично се обидувале да се спасат. – Настана стампедо. Сите се буткавме и немаше како да излеземе. Од плафонот паѓаа црни парчиња, како сунѓер. Ми паднаа на грбот и таму имам изгореници од втор степен. Ја гледав и десната рака како почнува да се лупи – рече тој. Во хаосот, Китанов паднал пред самата врата, а врз него паднале други луѓе. Со повредено колено и затрупан во гужвата, почнал да моли за помош. Сведочеше дека пред излезот ги видел членовите на обезбедувањето, Лазо и Столе, како извлекуваат луѓе. – Лазо се обидуваше на многу начини да ме извлече, ама не успеваше. Над мене имаше многу луѓе, под мене беше еден. Почнав да се гушам и останав без сила – раскажа Китанов.

Во обидите за спасување се вклучил и полицаецот Драган Казаков, кој неколкупати се обидел да го извлече. На крајот, со помош на неговиот вујко, Лазо успеал да го извлече од гужвата, но Китанов веќе бил во несвест. Го освестиле со вода и го однеле со приватен автомобил во болницата во Кочани. Сведокот рече и дека таа вечер, околу 2:15 часот, во дискотеката влегла полиција, а еден од членовите на групата ДНК ги поздравил на микрофон од бината. Полицајците, според него, барале малолетници, при што дел од нив се обидувале да се скријат во тоалетите. Китанов сведочеше и дека, вообичаено, дискотеката била преполна, особено кога имало концерти.– Беше толку полно што не можеше ни до тоалет да се оди. Внатре не сум видел никој да одржува ред, ниту, пак, надвор. Се продаваа карти за да се соберат што повеќе луѓе – рече сведокот. Тој додаде дека во првите моменти по избувнувањето на пожарот, видел како сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов-Деко, трча со противпожарен апарат и го дава на бината, по што двајца од изведувачите се обиделе да го изгаснат пожарот, но безуспешно. (П. А.)

 Нема спојување на предметите за „Пулс“, судот го одби барањето на одбраната

Судечкиот совет го одби предлогот на одбраната за спојување на повеќе судски постапки поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во еден предмет. Судот образложи дека постапката веќе се наоѓа во фаза на изведување докази, а другите предмети што ги води Обвинителството за организиран криминал се во различни фази, па евентуалното спојување би довело до дополнително одолговлекување. Според судијката Диана Груевска-Илиевска, таквата одлука би била спротивна на начелото на економичност и на обврската судот да ја води постапката без непотребни одлагања. Одбраната, пак, реагираше дека со одлуката се повредуваат начелата на законитост и контрадикторност, бидејќи нема увид во предметите на кои се повикува Обвинителството. Адвокатите побараа судот да донесе посебно решение и да ги обезбеди тие предмети за увид на одбраната, но судијката нагласи дека судот не е надлежен да одлучува по тие прашања и ги упати да се обратат до Јавното обвинителство.

Газда Деко се жалел на душекот, ќе остане во затворот во Куманово

Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов побара тој да биде преместен од затворот во Куманово во Истражниот затвор во Шуто Оризари, поради, како што наведе, поплаки за нечовечко и деградирачко постапување. Таа информираше дека од Управата на затворот во Шуто Оризари усно била известена дека таму има услови да го примат Јованов. Од затворот во Куманово, пак, во писмено известување до судот, посочиле дека по разговор со притвореникот тој не изразил забелешки за односот на службениците, туку само се пожалил на честите претреси и на променетиот душек, додавајќи дека претресите се редовна практика во установата. Пред почетокот на рочиштето се обрати и четвртообвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој беше сместена дискотеката „Пулс“. Тој рече дека е во тешка здравствена состојба и дека тешко може да доаѓа на судењата, наведувајќи дека има сериозна инфекција и бактерија на грбот. Милковски тврдеше и дека слушнал информации оти одредени групи во Кочани се закануваат по неговиот живот. Судијката Дијана Груевска-Илиевска му одговори дека судот е запознаен со неговата здравствена состојба, но дека обвинетиот има законска обврска да присуствува на рочиштата. Таа предупреди дека доколку не се појави на следно рочиште, судот ќе му одреди мерка притвор, по што Милковски одговори дека, доколку е потребно, е подготвен и на таква мерка.

 

 

ИЗДВОЕНИ