Општина Кисела Вода продолжува со успешното спроведување на системот за селекција на текстилен отпад. Поставени се нови 15 контејнери за текстилен отпад, кои се распоредени пред основните училишта и детските градинки низ Општината.
Од Општината велат дека со ова иницијативата добива изразена едукативна димензија, директно насочена кон развивањето на еколошката свест кај најмладите и поттикнувањето одговорни навики за заштита на животната средина уште од најрана возраст.
Ова претставува втора фаза од проектот, кој се реализира во соработка со лиценцираната компанија „Екотекст груп“ ДОО Скопје.
Првите 15 контејнери, пред неколку месеци, беа поставени пред сите месни и урбани заедници со цел да бидат лесно достапни за граѓаните.
– Од почетокот на нивното поставување досега, жителите покажаа исклучителна одговорност, при што веќе се собрани над два тона текстилен отпад, кој е соодветно селектиран – истакнаа од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека со поставувањето на овие контејнери пред образовните институции се прави уште еден суштински исчекор кон современото, одговорно и одржливо управување со отпадот, како што велат, сакајќи екологијата да ја направат дел од секојдневието на децата.
– Досега собраните два тона отпад, за овој краток период, се доказ дека нашите сограѓани сакаат да се грижат за својата општина. Преку оваа значајна донација, заедно придонесуваме за почиста и поздрава околина – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.












