Центарот за управување со кризи (ЦУК) почна пилот-проект за поставување интелигентни камери за рана детекција на пожари во неколку критични зони во државата, кои ќе бидат надгледувани 24 часа од Оперативниот центар на ЦУК.
Како што соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али, проектот има цел навремено откривање на шумските пожари, побрза реакција на надлежните служби и поефикасна координација при интервенциите.
Тој информираше дека во моментов се оперативни поголем број камери и дека е во тек проширување на мрежата на околу 50 камери, со што значително ќе се зголеми покриеноста на критичните шумски подрачја во државата.
– Системот овозможува 24/7 мониторинг од Оперативниот центар на ЦУК, навремено откривање чад и почетни знаци на пожар, како и брзо известување на надлежните институции за побрза и поефикасна интервенција – појасни Али.
Тој наведе дека со оваа технологија се обезбедуваат: рана детекција на чад и пожар уште во почетната фаза, пред неговото проширување, континуиран 24/7 мониторинг без прекин, интелигентни камери со ротација од 360 степени, кои постојано го надгледуваат просторот и автоматски се насочуваат и запираат на точната локација веднаш штом детектираат чад или пламен, како и автоматско известување преку е-пошта и порака до дежурниот Оперативен центар на ЦУК веднаш по детектирањето чад или пожар.
Во наредниот период ќе биде воспоставен и звучен аларм во дежурниот Оперативен центар на ЦУК, кој ќе овозможи уште побрзо известување и реакција на надлежните служби.
Директорот посочи дека воспоставувањето систем за рано откривање на шумските пожари било еден од неговите приоритети од преземањето на функцијата.
– Ова е само почеток. Пилот-проектот ќе послужи како основа за воспоставување национален систем за рана детекција на шумски пожари, кој во иднина ќе придонесе за уште поголема безбедност, поефикасно управување со природните ризици и за подобра заштита на населението и на природните ресурси – заклучи Али.
(А. П.)












