Двете девојчиња кои брутално тепаа и малтретираа друго девојче во скопската населба Аеродром биле во полициска станица со родителите и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави. Од МВР велат дека се препознаваат и децата што го снимале врсничкото насилство и притоа навиваат и го поттикнуваат настанот што се случил во средата вечерта. Тепаното и понижувано девојче било две години помладо од насилничките.

„На 01.07.2026 во 19:30 часот, во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека на 30.06.2026 околу 22:00 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром, нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа, откако тргнала да си оди, била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала“, соопштуваат од МВР.

Од Јавното обвинителство велат дека случајот го води јавен обвинител за малолетници. На случајот работат и социјални работници.

„Се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство“ и за кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“, велат од полицијата.

Јавноста го осудува насилството и бара поголеми парични казни за родителите, а за насилните деца – воспитно-поправен дом. Но, проблемот нема да исчезне ако не се промени семејната атмосфера, велат социјалните работници. Сè помалку се разговара со своите деца, кои се изложени на погрешни вредности од интернетот, а нивниот модел – родителите или немаат време за нив или им даваат лош пример во однесувањето.

Случајот со врсничкото насилство во Аеродром, снимено и пуштено сите да го гледаат на социјалните мрежи, е едно од неколкуте што се случија за само неколку месеци.

Адвокатката Маја Ристова, која ја застапуваше пред суд малолетничката од Штип што беше тепана од свои врснички и снимана на телефон, на својот фејсбук-профил реагира дека родителите на децата насилници остануваат неказнети

„Примив решение од Вишото јавно обвинителство во Штип во кое се вели дека Основното јавно обвинителство во Штип правилно утврдило дека родителите на децата што крвнички тепаа друго дете и тоа неколкупати по ред, не се одговорни за кривичното дело запуштање и малтретирање дете, затоа што не биле свесни за дејствата што ги преземале нивните деца. Требало да има континуирано и сериозно занемарување, а не ова? Што е ова? Го тепале три месеци, и психички и физички го малтретирале, ништо не е тоа. Ако овде нема одговорност, каде што имаше и признанија и видеоснимки, што е со останатите насилства?, реагира таа.

Постапката за случајот во паркот во Ѓорче Петров, каде што неколку девојчиња се изживуваа врз ученичка со која оделе во исто училиште, а насилството го снимале со телефон, е во фаза на подготвително рочиште. Од Обвинителството велат дека се прибирале докази и испрашувале сведоци. И во овој случај кривично се гонат и децата насилници и нивните родители. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ