Поранешниот украински министер за одбрана Михаил Федоров денеска изјави дека се чини оти Украина полека ја губи војната против Русија и дека Киев има прозорец од неколку месеци за да донесе клучни одлуки потребни за да ја сврти ситуацијата во своја корист.
Федоров, чие разрешување, по падот на владата на Јулија Свириденко, предизвика повеќенеделни протести во повеќе украински градови, во интервју за „Ројтерс“ изјави дека на Украина ѝ недостасува сеопфатна визија за тоа како да победи во четиригодишниот конфликт со Русија.
Тој рече дека земјата ја кочат вкоренетата корупција и мрежите на политичко покровителство, како и недостигот на политичка независност во владините институции.
„Мислам дека сега дојде пресвртница која ќе ја одреди нашата иднина, но изгледа дека постепено, полека губиме“, рече Федоров.
Тој додаде дека Украина сè уште има „сите шанси“ да победи, но дека итно ѝ е потребен план за завршување на војната.
Федоров (35) ја нагласи важноста од развојот на автономни дронови управувани со вештачка интелигенција, евтини пресретнувачки ракети за запирање на руските воздушни напади, како и украинската програма за балистички ракети, со цел да се промени текот на војната.
Тој оцени дека линијата на фронтот би можела да биде покриена со електронски сензори за откривање на непријателот, со дронови на копно и во воздух, со што би се минимизирало присуството на луѓе.
„Веќе постојат технологии кои би можеле целосно да ги запрат Русите, но нашето отсуство на визија… значи дека не ги применуваме“, истакна Федоров.
Тој го критикуваше неискористениот потенцијал и неефикасноста на украинската држава, за која рече дека функционира со „пет отсто ефикасност“.
Федоров беше разрешен само шест месеци откако беше именуван за министер за одбрана, откако започна реформи во системот на набавки и мобилизацијата, што го доведоа во судир со воениот естаблишмент и политичките ривали.
Минатата недела тој ја потресе украинската политичка сцена, станувајќи првата позначајна политичка фигура која побара одржување избори за време на војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека по падот на владата на Свириденко на Федоров му понудил неколку функции, но не и местото министер за одбрана, што Федоров го одбил, пренесува Танјуг.












