Финскиот претседател, Александар Стуб, и норвешкиот премиер, Јонас Гар Сторе, преку руски олигарх воспоставија таен канал за комуникација со Владимир Путин, со цел да спречат директен воен конфликт во Балтичкото Море, пишува „Волстрит џурнал“.
На најавите за можно затворање на Финскиот Залив преку кој Русија транспортира нафта и последните инциденти на море, Кремљ одговори со наредба танкерите да бидат придружувани од воени бродови што носат ракети со нуклеарни боеви глави. Германската крајбрежна стража регистрираше 260 такви случаи последнава година. „Волстрит џурнал“ наведува дека во септември Москва испратила писмено предупредување до НАТО дека е подготвена да изврши превентивни нуклеарни напади за да ги заштити своите интереси во Балтикот, дури и без директен напад врз руска територија.
Бидејќи официјалните дипломатски сигнали не успеаја, Стуб и Сторе побарале помош од неименуван руски олигарх, кој прво дошол во Норвешка на консултации со нив, а потоа се вратил во Москва за да му пренесе порака на Путин. Стуб, Сторе и Путин разговарале по телефон на 27 октомври. Официјално, се зборувало за завршување на војната во Украина, но според „Волстрит џурнал“ се правел обид да се отстрани стравот на Кремљ од поморска блокада.












