Поранешниот НБА-кошаркар Тај Лосон повторно се најде во центарот на скандал откако беше уапсен во американската сојузна држава Колорадо, под сомнение дека украл шише вотка од локална продавница, а потоа предизвикал инцидент и во полицискиот притвор.

Според полицискиот извештај, инцидентот се случил во Касл Рок, каде што Лосон наводно ја напуштил продавницата без да плати шише вотка вредно 34 долари. Наводно, веднаш по излегувањето, го отворил шишето и почнал да пие, по што влегол во блискиот ресторан.

Очевидци изјавиле дека поранешниот НБА-плејмејкер бил видно дезориентиран, се тетеравел и изгледало дека е под дејство на алкохол, по што полицијата брзо интервенирала и го привела.

Но, проблемите не завршиле. Според американските медиуми, Лосон во притворот ги навредувал полицајците, викал, го удирал стаклото од ќелијата и плукал по подот. Подоцна се смирил и им се извинил на службениците за своето однесување.

Лосон беше избран како 18. пик на НБА-драфтот во 2009 година, од Денвер нагетс, а во текот на осумте сезони во најсилната кошаркарска лига настапуваше и за Хјустон, Индијана, Сакраменто и за Вашингтон. По заминувањето од НБА, играше во странство, а последниот ангажман го имаше во Венецуела, во 2023 година.

Ова не е првпат тој да има проблеми со законот, бидејќи и во минатото беше вмешан во неколку инциденти, меѓу кои и тепачка во Европа што заврши со негово приведување.

ИЗДВОЕНИ