вторник, октомври 27, 2026
Дома СВЕТ Иранците се подготвуваат за нова општа војна, од Израел и од САД...

Иранците се подготвуваат за нова општа војна, од Израел и од САД сигнали дека може да се случи наскоро

1115
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Додека се заканува Трамп дека ќе „ја заврши работата“, а Нетанјаху повикува на елиминирање на раководството на Иран, жителите на Техеран складираат резерви и планираат да го напуштат градот, плашејќи се од повеќе напади по изборите во САД и во Израел. Многу Иранци се подготвуваат за можноста за враќање во целосна војна, бидејќи израелските и американските лидери ги засилуваат заканите пред изборите во двете земји, а раководството на Иран не се повлекува и покрај зголемениот притисок.

Осум месеци по почетокот на војната, трет носач на авиони и илјадници американски војници се распоредени во регионот, па Иранците стравуваат дека би можеле да следуваат напади веднаш по изборите за Конгресот во САД, закажани за 3 ноември. Жителите на Техеран, интервјуирани од „Асошиејтед прес“ (АП), ја опишаа зголемената загриженост. Фересте Хаџипур (35), мајка на мало дете, рече дека складира лекови и храна што се продаваат без рецепт, плашејќи се од „можна војна и поголеми бомби“.

– Раководството на Иран верува дека Трамп, веројатно, ќе нареди нови напади без оглед на резултатите од изборите за Конгресот, поради што се подготвува за различни сценарија за да може да преземе соодветни мерки – рече Сасан Карими, поранешен владин службеник и професор по надворешна политика на Универзитетот во Техеран.

Иран повторно им се закани на американските воени бази и на сојузниците на САД на Блискиот Исток, предупредувајќи дека може да нападне нови цели, вклучувајќи ги и подводните кабли за податоци што минуваат низ Хормускиот Проток. И поранешниот портпарол на израелската Влада, Ејлон Леви, во изјава за „Еуроњуз“ предупреди на можноста за обнова на војната со Иран, по изборите за Конгресот во САД.

– Мислам дека враќањето во војна со Иран е исклучително веројатно по изборите за Конгресот – рече тој и изрази уверување дека сегашната ситуација во односите со Техеран е неодржлива на долг рок. Тој предупреди за тензиите околу Хормускиот Проток, како и за иранските воени активности во регионот. Исто така, оцени дека американскиот претседател, Доналд Трамп, не сака продолжување на конфликтот пред изборите поради евентуално зголемување на цените на нафтата. Според неговата процена, во случај на нов конфликт со Иран, Нетанјаху би се обидел да постигне порешителен исход, вклучително и отстранување на иранското раководство од власт. Сепак, Леви верува дека евентуалното заминување на Нетанјаху, ако загуби на парламентарните избори што се одржаа вчера, би можело да донесе големи промени во самиот Израел. Тој верува дека ова би отворило простор за соработка меѓу партиите, кои, поради долгогодишните поделби околу сегашниот премиер, досега имаа тешкотии да најдат заеднички јазик.

Овие парламентарни избори се сметаат за најважни во поновата историја на Израел. Нетанјаху има сериозен противкандидат, поранешниот началник на Генералштабот, Гади Ајзенкот. Според анкетите објавени во петокот, тие се во тесна трка. До 10 часот изутрината, на гласачките места излегле 16,7 проценти од граѓаните, а гласале вкупно 1,2 милиони луѓе.  Ова е највисока излезност за тој дел од денот од 1981 година наваму.

 

 

ИЗДВОЕНИ