петок, август 21, 2026
Дома СВЕТ Поранешен српски фудбалер уапсен во Португалија со 1,5 тон кокаин и оружје

Поранешен српски фудбалер уапсен во Португалија со 1,5 тон кокаин и оружје

0

Поранешниот српски фудбалер Урош Милошевиќ (31) е уапсен во Португалија во рамки на истрага против меѓународна криминална мрежа, откако во комбето што го управувал биле откриени повеќе од 1,5 тон кокаин, како и две парчиња наполнето огнено оружје.

Според информациите на португалските медиуми, возилото било запрено минатата среда на автопатот А6. При претресот, полицијата пронашла кокаин чија вредност се проценува на околу 70 милиони евра. Случајот го презела португалската криминалистичка полиција, Polícia Judiciária, а на осомничениот му бил одреден притвор.

Весникот „Jornal de Notícias“ објави дека запленетата дрога е поврзана со таканаречениот „Балкански картел“. Според досегашните информации, апсењето е дел од поширока европска истрага против криминална организација со база во јужна Шпанија, која наводно дејствува во повеќе европски земји.

Само една недела претходно, португалската и шпанската полиција во заедничка операција во Шпанија уапсиле уште две лица кои се поврзуваат со истата мрежа. Во акцијата биле запленети дополнителни 3,7 тони дрога.

„A Bola“ пишува дека португалскиот брег бил користен како една од точките за пристигнување на големи пратки кокаин, кои потоа биле транспортирани кон други европски земји.

Идентитетот на уапсениот подоцна го објави „Correio da Manhã“, кој го опишува како наводен „оперативец на балканската мафија“. Првичните полициски информации говореле само за 31-годишен српски државјанин.

Милошевиќ во минатото имал фудбалска кариера во Србија. Според „A Bola“, настапувал за Чукарички, ИМ Раковица, Телеоптик и Синѓелиќ Белград.

Неговото апсење сега е дел од истрага за една од најголемите заплени на кокаин во Португалија, која се проширува и надвор од границите на земјата.

ИЗДВОЕНИ