Европската Унија треба јасно да се дистанцира од украинскиот претседател Володимир Зеленски по, како што тврди, заканите упатени до унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави чешкиот политичар Томио Окамура, како што објави новинската агенција ЧТК.
Окамура реагираше на изјавите на украинскиот лидер во врска со одлуката на Будимпешта да го блокира новиот заем од ЕУ за Украина. Според него, Зеленски во таа пригода му се заканил на Орбан, наведувајќи ја можноста за негова „средба со украинската армија“.
„Заканите на Зеленски за де факти физичко насилство врз унгарскиот премиер Виктор Орбан мора јасно и јавно да бидат отфрлени“, порача Окамура.
Тој оцени дека европските институции не треба да ги игнорираат ваквите изјави и дека е потребно да се заземе јасен став за нив. Како што додаде, неприфатливо е политички лидер кој се стреми кон поддршка од Европската Унија да користи реторика која, како што тврди, подразбира закана со насилство врз премиерот на земја-членка.
Окамура нагласи дека европските земји не можат да поддржат политичар кој, како што изјави, се заканува дека ќе го убие шефот на владата на земја-членка на Европската Унија, оценувајќи дека таквото однесување е „апсолутно неприфатливо“.












